Полицијата објави два нови случаи на измами по телефон за лажни сообраќајки. Имено, на 03.03.2025 во 13.00 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 307.500 денари.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена.
Во друг случај пак истиот ден во 17.30 часот во СВР Скопје, 83-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 457.320 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и се претставило како поранешен полициски службеник, по што ѝ кажало дека нејзината ќерка била тешко повредена во сообраќајна несреќа која претходно ја предизвикала и во која прегазила дете мигрант, а доколку не сака таа да оди во затвор треба да даде пари. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка, сфатила дека била измамена.
Последниве месеци зголемен е бројот на пријави во полициските станици ширум земјата за телефонски повици во кои измамници, внимателно одбраат повозрасни граѓани и преставувајќи им се како полицајци или лекари, им бараат пари во замена за услуга-забошотување на сообраќајка наводно сторена од блиски членови на нивното семејство.
Во изминатиот период во Министерството за внатрешни работи од страна на граѓаните пријавени се повеќе кривични дела „измама“, кои се извршени врз повозрасни лица. Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош, ја објаснуваат од МВР шемата пеку која измамниците досега успеале да извлечат илјадници евра од жртвите.
-МВР ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно апелираме до граѓани да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција, се додава во соопштението.
Изминатата година полицијата регистрирала вкупно 25 случаи на телефонски изнуди на пари, поднеле 4 кривични пријави од кои 2 против непознат сторител. Од Нова Година па наваму бројот на ваквите измами е драстично зголемен, а според полициските информации во нив инволвирани се и државјани од Бугарија. (П.А.)