Оваа година градот Кемниц покрај Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија, е една од европските престолнини на културата, а официјалното отворање на манифестацијата ќе се одржи на 18 јануари. Градот, планира реализација на околу 150 проекти и повеќе од 1.000 настани. Меѓу нив се и големата изложба „Страв“, посветена на норвешкиот сликар Едвард Мунк, паркур низ пејзаж, украсен со национални и меѓународни уметнички дела, проект „Великодушни соседи“ за тоа како неочекувано може да се открие приврзаност кон истите вредности како почит, толеранција и солидарност…

 

 

Кемниц, град на истокот на Германија, ќе ја започне годината како европска престолнина на културата на 18 јануари. По Лајпциг и Дрезден ова е трет по големина град во германската покраина Саксонија и четврти по големина град во поранешна Источна Германија по Берлин, Лајпциг и Дрезден. Оваа година градот покрај Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија, е една од европските престолнини на културата, а официјалното отворање на манифестацијата ќе се одржи на 18 јануари. Пред 700 гости ќе зборуваат претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и други претставници на Германија и на Европската Унија.

За време на церемонијата, која ќе се одржи во градската опера, Кемниц ќе ја добие наградата „Мелина Меркури“ вредна 1,5 милиони евра. На 18 јануари ќе се одржи настан и кај споменикот на Маркс, кој е еден од најпознатите знаменитости на градот. Имено, од 1953 до 1990 година, градот го добил името по филозофот Карл Маркс, па бил познат како Карл-Маркс-Штад. Споменикот во негова чест, висок 13 метри, сè уште стои. Градското собрание е старо повеќе од 100 години и е отворено за туристи. Посетителите можат да се восхитуваат на муралот на Макс Клингер, како и на сликите на најважните современи сликари. Конфронтацијата на традицијата и модернизмот може да се забележи и во архитектурата, па можете да видите одлични примери на Баухаус, а самиот центар на градот е обликуван од група меѓународни архитекти во последните 20 години. Театарот и филхармонијата „Роберт Шуман“ привлекуваат посетители од цела Германија, додека туристите можат да патуваат низ историјата во Саксонскиот индустриски музеј, од античко време до денес. Покрај тоа, во Кемниц има оаза на 36 хектари каде можете да ги набљудувате дивите животни во мирна средина. Таму живеат околу 100 животни од 15 различни видови, а Ботаничката градина на северот од градот е особено интересна за најмладите.

Годинава се очекуваат десетици илјади посетители, а во рамките на програмата најавени се многу културни настани. Иако настаните поврзани со манифестацијата Европскиот град на културата започнаа веќе во ноември, овој германски град ја објави и својата конкретна програма.

Во план е реализација на околу 150 проекти и повеќе од 1.000 настани за 2025. Меѓу нив се и големата изложба „Страв“ посветена на норвешкиот сликар Едвард Мунк, паркур низ пејзаж украсен со национални и меѓународни уметнички дела, а во исто време ќе се слави културата на спортување, вклучително и велосипедизмот, кој треба да потсети на поранешната меѓународна велосипедска трка. Посетителите ќе можат да уживаат во низата фестивали посветени, меѓу другото, на демократијата, уличната или современата уметност, а поранешен рудник за лигнит ќе се трансформира во галерија на современа уметност. Програмскиот директор Штефан Шмитке рече дека програмата е посебна затоа што е создадена од луѓе од Кемниц и регионот.

Проектите вклучуваат и различни манифестации за тоа како учеството во културата и граѓанскиот ангажман може да го зајакне социјалното заедништво, како и темата „Источна состојба на умот“, за самиот Кемниц или како што се наведува „источноевропски град во западноевропска земја“. Меѓу другото, планиран е и проектот „Великодушни соседи“ за тоа како неочекувано може да се открие приврзаност кон истите вредности како почит, толеранција и солидарност.

Слоганот „Невиден“ истовремено е алузија на „аутсајдер“ улогата што градот ја има меѓу големите германски градови, но и укажува дека програмата има амбиција да покаже многу. Во борбата за титулата европска престолнина на културата, Кемниц се бореше против попознатите и поголеми градови во Германија – Нирнберг, Магдебург, Хилдесхајм и Хановер.

Скопје има доволно време да се подготви за 2028?!

Иако Македонија не е членка на ЕУ, сепак на 20 септември 2023, Европската комисија во Брисел по поднесените и разгледани апликации, му даде доверба на Скопје за титулата Европска престолнина на културата за 2028 во конкуренција со Будва, Црна Гора. Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред, но и по завршувањето на манифестацијата. Затоа, Градот и Владата на презентацијата во Брисел, ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата на европските стандарди. Владата, преку Министерството за култура, се обврза и на безрезервна поддршка финансиска, кадровска и инфраструктурна, како и сите национални установи и институции на културата, да бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ. Иако во октомври минатата година од Европската комисија искажале загриженост за одвивање на подготовките, од Град Скопје, во неколку наврати посочија дека „има доволно време“ за навремена реализација на сите потребни активности. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ