ЌЕ ЗАПРЕ ЛИ ДЕВАЛВАЦИЈАТА НА ОБРАЗОВАНИЕТО? Нарачаните докторати може да се спречат со казни и со чесно менторирање

Универзитетски професори наведуваат дека се потребни промени во однос на изработката и бранењето на магистерските и докторските трудови во ситуација кога можат да се добијат по цена од 300-400 евра. Се бележат примери и на цели преводи на книги од други јазици ставени во докторски трудови, а што менторот не го открил оти не знаел странски јазик. Експерти за заштита на интелектуална сопственост укажуваат дека ако некој пишува магистерска теза во нечие име, тој има и кривична одговорност, исто како и лицето кое го користи таквиот труд и тоа се вика измама. Но, никој околу тоа не се ангажира за да се спречи.

164

Потребна е промена на начинот и на односот кон изработката и бранењето на магистерските и докторските трудови за да се спречат измамите преку нарачката на вакви дела од други лица преку огласи. Можноста секој заинтересиран да може преку огласи да нарача друго лице да му го напише магистериумот или докторатот за само неколку стотици евра претставува најдиректна девалвација на образованието, но и кривични дела кои треба да се спречуваат. Вакво е мислењето на дел од универзитетските професори, но и експерти за заштита на интелектуални права во однос на темата која неодамна ја покрена ВЕЧЕР со објавата дека на интернет масовно се нудат изработките на вакви научни трудови за само 300-400 евра. Досега. Од страна на државните органи нема сериозни напори оваа појава да се сопре. Образовните и други експерти бараат изработувањето на трудови за други лица за пари да стане кривично дело кое ќе го гони полицијата.

Универзитетската професорка Билјана Ванковска, од скопскиот Филозофски факултет на УКИМ, ни кажува дека станува збор за долгогодишен феномен, кој во меѓувреме стана не само видлив туку и дрско и јавно се рекламираат „фирми“.

-Можете да ги најдете на социјалните мрежи, низ универзитетските кампуси или нивната близина како огласи. Дури има и интернет-страници на кои можете да „симнете“ семинарски или други трудови според името и предметот на професорот. Од моето искуство можам да ви кажам дека открив превод од книга на британски колега, само ставена во корици на еден докторанд. Неговиот ментор не ни забележал затоа што самиот не знае ниту еден странски јазик, но како член на комисијата го разоткрив и кандидатот призна дека неговите ќерки му ја превеле книгата со надеж дека нема да забележиме. Наместо да биде дисквалификуван, кандидатот е сега доктор на науки. Друг случај се состоеше од цели статии преведени (со Google Translate) и залепени една до друга. И ова се случуваше во време на постоење на оној софтвер за откривање плагијати. Јас ги откривам лесно бидејќи читам сè, стопроценти, од почеток до крај, наведува Ванковска за ВЕЧЕР.

Таа додава дека вината ја гледа колку во неетичкото однесување и отсуството на казни за кандидатите, уште повеќе кај менторите кои не читаат или тоа го прават „дијагонално“.

-Како да се запре? Со силна и ригорозна селекција на кандидатите и со санкционирање. И обзнанување во јавност. Не можам да докажам, но се зборува и дека има ментори кои им ги пишуваат трудовите на кандидатите за одреден износ. Свесна сум дека е ова тешко да се открие. За жал, овие трудови не подлежат на оценување (во смисла на степен и ниво на квалитет или оценка). Или минува или не минува (а најчесто минува буквално сè). Сметам дека сме дојдени во таков стадиум на гнилеж и имитирање наука што некој мора да понесе одговорност. Да повторам, не случајно има ментор, па потоа и комисија. Не може да се чита „дијагонално“, не може акредитирани ментори да бидат луѓе кои не знаат странски јазици, а најлошо од сè е што обично се конституираат „пријателски“ комисии кои менторот ги предлага за да му мине кандидатот полесно. Така, јавните одбрани се повеќе протоколарни отколку суштински чинови, потенцира Ванковска.

Милан Ѓорѓевиќ, професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, вели дека треба да се најде начин општеството да се справи со измамништвото од ваков тип, а тој на веќе применува промени во начинот на оценувањето.

-Главно одам на индивидуална работа и усно испрашување, проектна работа во групи, за време на вежби…, наведува Ѓорѓевиќ.

Владимир Петрушевски, поранешен професор по физичка и наставна хемија на Природно-математичкиот факултет на УКИМ смета дека сигурно е можно да „се испорача“ некаков текст за неколку стотини евра, но не верува дека би можел да помине ригорозна рецензија.

-Односно, би тврдел дека тоа е невозможно во експерименталните науки, првенствено природно-математички, технички и медицински. Со сериозен, компетентен и чесен ментор, не би било можно ниту во општествените и во хуманистичките науки. Еве зошто: магистериум/докторат се пишува врз основа на резултати од сопствени истражувања. Резултатите мора да му се стават на увид на менторот, како и користената литература. Покрај ова, во тезата треба да биде јасно назначено што е новото за науката. Ако менторот посветено ја следи работата на кандидатот, а за ова е важно да нема голем број кандидати во исто време и критички го прегледа ракописот и резултатите, сметам дека може да биде измамен само ако и самиот сака да биде измамен. Белки оние 1000–2000 евра што ќе ги добие како хонорар за менторирањето нема од него да направат ајдук, ако не бил и пред тоа. А ако бил, крајно е неверојатно дека ќе има самиот вредни резултати во науката, кои му овозможиле напредување во кариерата  и добивање место на ментор, наведува Петрушевски за ВЕЧЕР.

Тој додава дека само наивно-нечесен кандидат може да помисли дека ќе ги изигра сите без да го фатат.

– А задача на менторот е, да повторам, не само да си го земе хонорарот, туку и да го следи и да го контролира кандидатот. Ако последново е чесно спроведено, нема да има потреба од плагијати, мамења, Chat GPT и слично, смета овој професор.

На интернет огласите секојдневно може да се најдат и по десетици огласи во кои најдиректно се нудат изработки на вакви научни трудови кои потоа овозможуваат лесен пат и до одговорни функции во општеството. На огласите се наведуваат и конкретни телефонски броеви за контакт што значи дека лесно може да се дознае кои лица изработуваат вакви нарачани дела со кои, потоа, некој ќе магистрира или ќе докторира.

Валентин Пепељугоски, адвокат специјализиран за правата од областа на интелектуална сопственост објаснува дека ова не е ништо ново и дека такви случаи има и во регионот.

-И на Балканот, во поранешните југословенски републики, во Албанија, во Бугарија, сигурно ќе најдете вакви огласи што значи дека појавата е раширена. Ако се знае дека вие пишувате магистерска теза во нечие име, вие имате одговорност, па и кривична одговорност исто како и лице кое го користи таквиот труд и тоа се вика измама. Треба да се видат огласите и ако тие овозможуваат директно нарачување треба да реагира полицијата оти се работи за измамата. Но, за да кривичното дело измама биде реализирано до крај потребно е нарачателот на таквото дело и да го употреби за да се заокружи делото, објаснува овој експерт за ВЕЧЕР.

Според него, системот е тој што создаде можност за појавување на нарачани трудови.

-Кај правниците имате систем на студирање на три плус две години, со кој ако ги немате тие две години, ако не магистрирате, вие не можете да бидете адвокат, не можете да бидете нотар, да напредувате во правничката кариера. Прашање е , меѓутоа, зошто во законот не се внесе токму такво кривично дело за изработка на туѓи докторати и магистериуми. Тоа дејство, таквото изработување , за општеството е штетно дејство и треба поостро да се санкционира. Сега, за измамите казните не се големи и најчесто се условни. Само на такво начин може да се намали оваа појава кој ни ги девалвира дипломите, која дејствува погубно во однос на мотивирањето на младите кои имаат знаења но гледаат како некој кој нема знаење се стекнува со диплома која потоа ја користи. Но, никој околу тоа не се ангажира да се спречи. Вие во закон треба да предвидите и такво конкретно кривично дело кое треба и поостро да се санкционира, потенцира Пепељугоски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ