Од “Водовод и канализација”, денеска излегоа со важно соопштение, а кое се однесува на дефектот и излевањето на вода на улицата “Никола Парапунов“ во населбата Карпош 4, кое трае десетина дена. Според соопштението отстранувањето на дефектот ќе започне на 21 декември, а ќе трае до завршување на работите.
“Поврзано со излевањето на ул. “Никола Парапунов” на затварач Ф700мм за кој имаше информации во јавноста, со изготвување на сложен оперативен план за санација, опфатена е покрај оваа локација и санација на уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. “Никола Парапунов“. Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф1600 кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф1600мм.
Затварање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира истиот.
Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затврачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош.
Системска промена на 5 децении стари затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.
Со воспоставувње на зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем. Почеток за реализација на оперативниот план и затварање на вода во главниот градски цевковод Ф1600 е планирано да отпочне од 21.12.2024 година, а ќе трае до завршување на интервенцијата.
Замолуваме за трпение и повикуваме на разбирање од страна на граѓаните” соопштија од компанијата.