Ќе се реконструира и проширува булеварот „Хасан Приштина“, од клучката со булеварот „Словенија“ до обиколницата 

84

Град Скопје ќе го реконструира и проширува булеварот „Хасан Приштина“, познат како Качанички пат, на потегот од клучката со булеварот „Словенија“ до обиколницата. За таа цел, распишана е јавна набавка за избор на најповолен изведувач – фирма.

– Реконструкцијата опфаќа проширување на постојниот профил на булеварот во ширина од 20 метри и опфаќа четири сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделен појас од два метра и зелен појас по двата надворешни раба, во ширина од два метри – информираа од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека должината на транзитната магистрална улица е 3.462 метри.

– Проектот е започнат минатата година. Во тоа време се изготвуваше проектната документација за овој сложен проект, чија изградба е предвидена по завршувањето на постапките – потенцираат градски власти.

На 20 јануари годинава, Град Скопје склучи договор во вредност од 7,7 милиони евра, со фирмата „Бауер“, за изградба на клучка на булеварот „Словенија“, на вкрстувањето со Качанички пат. Станува збор за втората фаза од проектот – изградба на клучка и булевар на потегот од Момин Поток до булеварот „Словенија“, со цел растоварување на сообраќајот во овој дел од градот.

Парите за овој проект Град Скопје ги доби од Владата. Се работи за вториот дел од проектот за проширување во булевар на Качанички пат, кој сега се вика улица „Хасан Приштина“ и за изградба на клучки кај Момин Поток и на булеварот „Словенија“. Клучката кај Момин Поток почна да се гради во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Во август лани, Градот, конечно, по две години градба, го заврши кружниот тек кај „Хубо маркет“.

(А.П.)