Ќе се распишат тендери за трите проекти од владината поддршка

41

Наскоро ќе се распишат тендерските постапки за избор на економски оператори за реализација на трите проекти што ги доби Општина Куманово, преку владината поддршка за општините, соопштија од локалната самоуправа.

– Договорите се завршени, одобрени се средства за три проекти, како што беше претходно информирано, Општината ги распишува тендерските постапки, Владата ги финансира – изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Трите проекти чинат четири милиони евра.

Инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ се трите проекти што ќе ги спроведе Општината преку владиниот повик за развој на општините.

Општина Куманово аплицираше и за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа кон Доброшане, каде што функционира индустриска зона со неколку кумановски компании, кои ја движат локалната економија.

– Индустриските капацитети се важни за приклучување на гасоводната мрежа од аспект на намалување на нивните производствени трошоци и зголемување на конкурентноста, но и од аспект на намалување на аерозагадувањето во градот. Последниот проект е изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“, каде што, поради конфигурацијата на теренот, при пообилни дождови, се слева вода – заклучи Димитриевски.