Ќе се прошируваат капацитетите на ООУ „Гоце Делчев“ во Аеродром

11

В.д. градоначалникот на Општина Аеродрoм, Дејан Митески, го потпиша одобрението со кое најстарото училиште во Аеродром за прв пат од своето постоење ќе добие проширување на капацитетите за над 100 ученици.

Станува збор за доградба и надградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и со овој проект веќе е аплицирано на вториот јавен повик од Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти.

Доградбата и надградбата опфаќаат 300 квадратни метри нова површина на постојното источно крило од училиштето.

-Покрај трите нови училници и нова канцеларија, ќе бидат изведени нова кровна конструкција, внатрешна и надворешна столарија, нови подови, нова термичка фасада, целосно нова опрема, како и нови електрични, водоводни, термотехнички и противпожарни инсталации – информираат од Општина Аеродром.

Во централното училиште во Горно Лисиче учат околу 500 ученици, додека во подрачното училиште на ООУ „Гоце Делчев“ што се наоѓа во Долно Лисиче настава посетуваат речиси 200 деца.

Општина Аеродром периодов интензивно работи и на капиталните проекти за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, како и на доградба и надградба на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром, во рамките на градинката „Срничка“.

 

ИЗДВОЕНИ