Доколку во наредниве денови претседателката на собраниската Комисија за социјална политика сама не се повлече, тоа ќе подразбира да се предложи одлуката за нејзино разрешување во Комисијата за избори и именувања. За спикерот Африм Гаши, случајот со интерпечацијата е завршен, како и неговата улога.
Разрешувањето на претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, Илире Даути, ќе чека на нова процедура доколку не се повлече таа сама откако во петокот ѝ беше изгласана интерпелацијата. Тоа ќе подразбира да се предложи одлуката за нејзино разрешување во Комисијата за избори и именувања или, пак, собранискиот спикер, Африм Гаши, да ја достави таквата информација. Ваква е сегашната ситуација врзана за статусот на Даути, која, и по завчерашно соопштение дека ќе дејствува како „слободен пратеник“, остави дилема дали веќе нема да биде претседателка.
Вчера, спикерот Гаши не ја разреши дилемата. Тој соопшти дека, за него, случајот со интерпелацијата е завршен.
– Како претседател на Собранието, моја главна одговорност е да ги почитувам и да ги спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и со Уставот. Интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога, како претседател, заврши по завршувањето на процесот на интерпелацијата, како што беше во случајот со интерпелацијата поднесена против мене, пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците. До денес, не сум добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на комисија. Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување, освен ова, е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа во која јас, како претседател на Собранието, нема да учествувам – соопшти Гаши.
И од коалицијата „Вреди“ соопштија дека прифатената интерпелација не значи нејзино автоматско разрешување и дека таа и понатаму останува на чело на Комисијата.
– Оваа ситуација зависи од нејзината волја. Може да се случи самата да си поднесе оставка, но одлуката е нејзина. Изгласувањето на интерпелацијата не значи нејзино разрешување. За нејзино разрешување ќе треба да се следи друга процедура, ова го појаснија и од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Илире Даути и понатаму останува претседател на оваа Комисија, додека не се утврди каква било друга процедура, како што е утврдено со Правилникот за работа на Собранието – изјави портпаролот Дритон Сулејмани, кој додаде дека постапката за неа не е иста како кога се изгласува интерпелација за министрите.
Од друга страна, од партијата Левица, која ја иницираше интерпелацијата по која беше утврдено дека таа несовесно и неодговорно ја извршува функцијата, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека уште малку ќе имаат трпение Даути сама да се повлече.
– Ќе почекаме до крајот на неделава таа самата да се повлече од функцијата и да го покаже политичкиот интегритет. Доколку не се случи тоа, тогаш нашиот пратеник во Комисијата за избори и именувања, Борислав Крмов, ќе поднесе предлог за нејзино разрешување. За тој предлог ќе треба да се изјасни мнозинство од членовите во Комисијата и потоа тој предлог ќе оди на пленарна седница – ни изјави Јована Мојсоска, пратеничка на Левица, додавајќи дека нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат доволно мнозинство за изгласување ваква одлука.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Даути веќе нема морален кредибилитет да ја води Комисијата.
– Не е важно кој повел интерпелација и која била темата или причината, важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието или не е. Никој не го оспорува правото на опозициската коалиција предводена од ДУИ да си предложи нов претседател и сигурни сме дека коалицијата СДС – ДУИ – Левица ќе го поддржи новиот предлог, како што често пати ја координира опозициската активност во Собранието – рече пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Весникот ВЕЧЕР вчера објави дека експертите за собраниски процедури и правни норми наведуваат дека е очигледно дека најголема недореченост постои во новиот Деловник за работа на македонскиот Парламент, бидејќи таму не постојат јасни одредби за задолжително разрешување по изгласана интерпелација. Новиот Деловник е донесен во 2023 година, со гласови на речиси сите парламентарни партии, освен Левица, со цел да се надминат недореченостите во претходниот акт за собраниските процедури. Но, очигледно, недореченостите, сепак, останале. (Б.Ѓ.)