Во рамки на системот „Безбеден град“ ќе се постават камери за видео надзор на парковите во градот каде што навечер се собираат младите. Оваа активност доаѓа непосредно по едногласното усвојување на иницијативата од страна на ЗЕЛС, а поднесена од Општина Центар, која се залага за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, спроведоа заедничка превентивна акција низ централното градско подрачје на Скопје и во Кисела Вода.
– Целта на оваа иницијатива беше да се направи увид на состојбата со присуството на малолетници во доцните часови, да се разговара со нив и да се испрати јасна порака за важноста на превенцијата во борбата против малолетничката деликвенција. Од страна на МВР информираа дека ќе се разгледа и можноста во рамки на системот „Безбеден град”, кој што опфаќа камери на сообраќајници да се надогради со видео надзор на парковите – истакна Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека на терен директно поразговарале со младите и во следниот период ќе се продолж со активни чекори за имплементација на усвоената иницијатива, со цел создавање безбедна средина за сите граѓани, особено за младите.
– Се залагаме за воспоставување силна меѓуинституционална соработка со цел воведување на општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам. Ова е одличен пример за тоа колку е важна координацијата меѓу локалната самоуправа, МВР и останатите надлежни институции во креирањето ефикасни механизми за превенција и заштита на јавниот ред и мир – рече Ѓорѓиевски.
Центар е првата општина што покрена иницијатива малолетниците што вандализираат на јавни површини да вршат општокорисна работа.
– Со овој проблем се соочуваат сите општини во државата, но ние доставивме иницијатива до ЗЕЛС која беше едногласно прифатена, а позитивно одекна и во јавноста, време е да воведеме ред. Младите вандали кои ја уништуваат урбаната опрема ќе фарбаат клупи, ќе менуваат лулашки, но и ќе ја купуваат опремата којашто ја имаат оштетено. Очекувам во најкус можен рок иницијативата да се преточи во закон за да ги намалиме ваквите девијантни појави во општините – истакна Герасимовски.
Во многу европски земји како Велика Британија и Луксембург, мерката за општокорисна работа на малолетници кои вандализираат се покажала ефикасна.