Ќе се отстрануваат бесправните објекти на територијата на Карпош

532

Инспекторатот на Општина Карпош утре започнува акција за отстранување на бесправните објекти, која ќе трае најмалку две недели. Ќе бидат опфатени голем број бесправни градби за кои има целосно завршена инспекциска постапка согласно со Законот за градење. Општинските служби напоменуваат дека доколку граѓаните сами не ги отстранат бесправно изградените градби, трошокот од присилното извршување ќе им биде наплатен со заклучок за трошоци.

За таа цел, ги опоменуваат и ги предупредуваат сите граѓани што имаат инспекциски постапки во секторот Инспекторат – Градежна инспекција, со постапка за присилно извршување градби изградени без одобрение за градење, како и градби изведени спротивно на член 73 од Законот за градење, да ги отстранат во најбрз можен рок.

Инспекторатот од Општина Карпош спроведе и акција за расчистување на дел од парцелата кај спортската сала „Борис Трајковски“, поради дивонаселените импровизирани градби, каде што се создаваше голема количина отпад.

–  Акцијата се одвиваше во присуство на полициски службеници, но при расчистувањето, немаше потреба од нивна интервенција. Импровизираните бесправни градби се целосно отстранети, а градежниот шут и отпадот што се создадоа од нив се целосно собрани и транспортирани во депонијата „Дрисла“ – известуваат од Општина Карпош.

ИЗДВОЕНИ