Во Дебар Маало в недела, точно напладне, кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор Горан Стефановски ќе се одржи настанот „Горан е тука“, со кој ќе се одбележат 73 години од неговото раѓање.
Од Општина Центар информираат дека семејството, пријателите и сите почитувачи на делото на Стефановски ќе му оддадат почит на местото каде во 2019 година беше засаден чинар во негова чест, поточно во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ .
На одбележувањето на роденденот на Стефановски ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“, ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, со свои настапи ќе се приклучат и неговите пријатели од младоста, актери и уметници. Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, а Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав за својот татко.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски потсетува дека Стефановски не беше само писател, туку дека беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме.
-Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025 година, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. „Горан е тука“ – вели Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани „Тим Театрос К“ од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.