За жителите на овој дел од државата, оваа пруга, а особено вовчето „Ќиро“ будат убави спомени. Знаело да се случи некој вагон и да „излета“ од тесните шини, па со лостовите, што задолжително се носеле, да се врати назад и безбедно да се продолжи патот. Локомотивата, велат, „гладот“ го заситувала со дрва и ќумур, а зимно време, кога дувало од сите страни, во секое купе баботеле ќумбињата – пампурници. По нив и било завикано „Пампурче“. Да не биде подолу од кој било друг тогашен воз, имал и прва и втора класа
Стручен тим од Национален конзерваторски центар од Скопје започна активности за обновување на легендарниот воз „Ќиро“, кој сообраќал по некогашната теснолинејка до Охрид.
Според првичните информации, возот кој е во сопственост на Музејот „Западна Македонија во НОВ“ од Кичево ќе започне да се обновува, со што ќе биде атрактивен музејски експонат за градот.
Теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров во Скопје до Охрид и струшкото село Ташмаруништа била пуштена во сообраќај на 15 јули 1922 година. За жителите на овој дел од државата, оваа пруга, а особено вовчето „Ќиро“ будат убави спомени.
Оние што ја паметат теснолинејката, пруга со шини од 60 сантиметри, или потесни од стандардните, и притоа имале можност да патуваат со вовчето, раскажуваат, му требале 12 часа да стигне од Гостивар до Кичево, а до Охрид дури едно деноноќие. Или, ако сè било во ред, точно 19 часа и 20 минути. Знаело да се случи некој вагон и да „излета“ од тесните шини, па со лостовите, што задолжително се носеле, да се врати назад и безбедно да се продолжи патот. Локомотивата, велат, „гладот“ го заситувала со дрва и ќумур, а зимно време, кога дувало од сите страни, во секое купе баботеле ќумбињата – пампурници. По нив и било завикано „Пампурче“. Да не биде подолу од кој било друг тогашен воз, имал и прва и втора класа. Поевтината карта нудела патување на дрвени клупи, а поскапата „комфорно“ на истите тие клупи, само преоблечени со чоја.
Народот сакал и патувал со славниот „Ќиро“. За некои, веројатно, тоа било можност за исклучителна авантура, вистинско патешествие и, секако долгочасовно уживање во убавините на природата и пределите што се минувале. Но, за повеќето луѓе тој бил нужна потреба и извор на единствена егзистенција. Сè до 1966 година, кога му пресудиле: „Ќиро“, секоја чест, чесно си ја врши работата и навистина добро служи, но мора да замине во пензија.