Ќе се намалува цената на струјата, потребни се инвестиции во когенеративни централи и стабилизација на ЕСМ

Очекувам да има поголемо производство со намалени трошоци и да се намалува производствената цена на струјата што му ја продава ЕСМ на ЕВН Хоум. За да имаме стабилно водење на системот, очекувам во 2025 година да започнат проекти за изградба на когенеративни постројки и изградба на батериски системи за да може да се подобри ситуацијата во енергетскиот сектор. Најголем приоритет во моментов за нас, како држава, е стабилизација на најголемата енергетска компанија во државата – ЕСМ, бидејќи не може да имаме развој на енергетскиот сектор без стабилизирано ЕСМ – вели во интервју за весникот ВЕЧЕР Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Со претседателот на РКЕ зборувавме и за состојбата во РЕК „Битола“, за инвестиции во нови енергетски капацитети, за стабилноста во снабдувањето со електрична енергија, за балансирањето на електричната енергија добиена од фотоволтаици...

169

Анета Стојческа

Фото: Ѕвонко Плавевски

Зошто се одложи најавеното зголемување на времетраењето на дневната евтина тарифа на струјата за домаќинствата од постојните два на три часа дневно?

Ние направивме анализа за евтината тарифа, и тоа се одвиваше подолг временски период. Ги анализиравме цените на најголемата берза за електрична енергија – ХУПЕКС и организиравме два состанока со ЕВН Хоум и со ЕСМ и беше побарано од нив да следиме што ќе се случува во наредниот период за да може да се подготват и тие за имплементација на оваа мерка. Фактите покажаа дека најевтина е цената на електричната енергија од 12:00 до 16:00 часот, а најскапа од 20:00 до 24:00 часот. Тоа е речиси во 90 отсто од деновите, а во некои денови е и пет-шест пати пониска. Ако воведевме уште еден дополнителен час евтина тарифа во периодот од 12:00 до 16:00 часот, тогаш ќе требаше да ја поместиме ноќната тарифа од 22:00 во 23:00 часот, со тоа ќе направевме сериозни промени на навиките на луѓето, бидејќи имавме воспоставена практика во државата. Од тие причини, се решивме да анализираме сè што ќе се случува во наредниот период за да не предизвикаме проблеми кај веќе создадените навики кај домаќинствата. Затоа што во периоди кога имаме најскапа цена на струјата на берзите, а тоа е и во 23:00 часот, ние имаме евтина тарифа. Затоа решивме да продолжиме така како што било подолг период. Имаше еден прекин на евтината дневна тарифа од 2012 до 2018 година, кога ја вративме назад, и мал прекин во 2012 година, кога беше енергетската криза. Но, и понатаму правиме анализи и, во заедничка соработка со ЕСМ и со ЕВН Хоум, ќе видиме кои мерки ќе ги преземеме, но најбитно ни е да не ги менуваме навиките на луѓето.

Цената на струјата од јануари 2025 година ќе се зголеми само за 0,92 отсто, односно на просечна сметка од 2.300 денари, зголемувањето ќе биде само 21 денар. Неопходно ли беше зголемувањето и која е формулата што ја применувате за да има минимално зголемување на цената на струјата последните две години?

Оваа година, најпрво ги донесовме одлуките за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Цената за пренос на електрична енергија ја зголемивме за 5,67 проценти, а за дистрибуција ја намаливме за 5,5 проценти. Ова ни даде една добра основа да држиме една ценовна стабилност за домаќинствата, но во тој дел трошоците за набавка на електрична енергија ни се зголемија од 60 на 62 евра за мегават-час, тоа значи некаде од 8 до 9 милиони евра зголемен трошок за набавка. Има количини што ги набавува Електродистрибуција од увоз, за кои предвидувањата се дека ќе има повисоки цени отколку во 2024 година и дополнително, голем број мали потрошувачи што беа снабдувани од универзалниот снабдувач отидоа на слободниот пазар на електрична енергија, бидејќи цените на слободниот пазар им се пониски и добиваат понуди од снабдувачите што повеќе им одговараат. Од тие причини, имаше намалување на приходите за околу 30 милиони, односно повеќе не можеме да сметаме на овие 30 милиони евра што ги плаќале овие мали потрошувачи на регулираниот пазар. Поради тоа, воведовме едно минимално зголемување на цената на струјата од 0,92 отсто. Значи, исклучиво бевме фокусирани на домаќинствата и ова минимално зголемување од 21 денар на просечна сметка од 2.300 денари нема да има никаков проблем. Значи, и понатаму притисокот врз цената ќе го прават малите потрошувачи, кои ќе излегуваат на слободниот пазар на електрична енергија. Но, тоа е добро за ЕСМ, на кое му се отвора можност да им продава струја на овие мали потрошувачи на слободниот пазар на електрична енергија по цена што ќе биде далеку повисока од тие 62 евра за мегават-час што му ги продава на ЕВН Хоум со една единствена намера: да обезбеди ценовна стабилност за домаќинствата.

Поради поскапување на цената на струјата на берзите, можно ли е повторно враќање на регулираниот пазар на оние компании што се префрлија од регулираниот на слободниот пазар?

Во овој момент, фјучерсите на најголемата берза во Европа – ХУПЕКС, како и на другите берзи во регионот, се дека цената во 2025 година ќе се движи околу 130 евра за мегават-час. Оваа цена ќе биде далеку пониска од онаа што е на регулираниот пазар и не очекувам да се враќаат од слободниот на регулираниот пазар. Според мене, не е фер да се враќаат од слободниот на регулираниот, затоа што ние, како држава, преку ЕСМ, тоа што го правиме го правиме, пред сè, за да се обезбеди ценовна стабилност за домаќинствата. Овие мали потрошувачи имаат апсолутно простор да одат од слободниот на регулираниот и од регулираниот на слободниот и не верувам дека цената на слободниот пазар во 2025 година ќе биде повисока од онаа на регулираниот пазар. И ако им биде повисока, повторно ќе ја имаат таа можност да се вратат. РКЕ презема мерки со кои сака да се ослободат што е можно повеќе количини од регулараниот пазар и ЕСМ да може да продава од тие количини на слободниот пазар, по цена што ќе биде далеку повисока од 62 евра за мегават- час. Зашто најголем приоритет во моментов за нас, како држава, е стабилизација на најголемата енергетска компанија во државата – ЕСМ, бидејќи не може да имаме развој на енергетскиот сектор без стабилизирано ЕСМ.

Кој е ефектот од фотовалтаиците со оглед на тоа што нам ни треба повеќе струја во зима, а имаме зголемено производство во лето, кога е поевтина и на берзите. Како може да го решиме тој дисбаланс меѓу производството и потрошувачката?

Во последниве три години, во државата се изградија околу 930 мегавати обновливи извори на енергија, кои, во најголем дел, се фотоволтаици. Со овие фотоволтаици, во 2023 година, при повисоко производство на ЕСМ, обезбедија да имаме увоз од само 2,75 проценти. Најголем дел од фотоволтаиците продаваат струја на трговците или на снабдувачите на електрична енергија по цена што е на ХУПЕКС намалена за одреден процент. Во последниве неколку месеци, овие фотоволтаици добиваат некоја фиксна цена од самите трговци и снабдувачи. Факт е дека во периодите кога најмногу произведуваат, ние имаме најниски цени на пазарот на електрична енергија, тоа е од март до мај и воопшто во летниот период. Тогаш цените на струјата во овој период се далеку пониски отколку што се цените што се во другиот дел од денот. Тоа е поради тоа што имаме големо производство од фотоволтаици не само во Македонија туку и во регионот. Според мене, најдобра опција би била ЕСМ да им даде можност на овие фотоволтаици да му ја продаваат оваа електрична енергија по одредена цена. Таа да биде фиксна цена, со тоа што и фотоволтаиците ќе имаат одредена ценовна стабилност, а ЕСМ – планирана набавка на електрична енергија по цени што се далеку пониски отколку што се на берзите. На тој начин, ЕСМ, во текот на денот кога ќе има најголемо производство, ќе нема потреба да троши јаглен, односно ќе може да продава електрична енергија во периоди кога е највисока цената и на тој начин ќе може да ја подобрува финансиската состојба.

Со оглед на тоа што постојано има испади во РЕК „Битола“, а и другите капацитети ни се застарени, ќе имаме ли безбедно снабдување со струја оваа зима?

Ситуацијата со РЕК „Битола“ е таква каква што е. Се работи за стар објект од над 40 години. Во последниве години, увезуваме јаглен и се прави микс со домашниот јаглен, кој е со послаб квалитет, поради тоа има чести испади на термоблоковите во РЕК „Битола“. Од тоа не може да се побегне, тоа е реална ситуација во државата, но треба да се преземаат мерки да се намалат овие испади што е можно повеќе. Да се каже дека нема да имаме испади во РЕК „Битола“, тоа значи дека не се кажува вистината. Затоа сите мерки што се преземаат се со цел ЕСМ финансиски да се стабилизира. Тоа е процес што ќе трае, но ние немаме сценарио Б. Без стабилно ЕСМ, Македонија ќе се соочува со сериозни проблеми. Јас верувам дека ќе нема никакви проблеми во однос на снабдувањето електрична енергија до крајните потрошувачи. Да, ќе има проблеми и предизвици, но и кога има испади, ЕСМ обезбедува електрична енергија на слободниот пазар. Не секогаш треба да кажуваме дека кога купува ЕСМ струја на слободниот пазар, тоа е лошо затоа што има периоди кога цената на електричната енергија на слободниот пазар е пониска од производствената цена на ЕСМ. Така што не треба секогаш да се проблематизира тоа, едноставно е поевтино да се купи струја на берза отколку да се произведе.

Факт е дека Македонија е зависна од увоз на струја и дека ѝ требаат повеќе енергетски капацитети. Се планираат ли инвестиции во нови енергетски капацитети?

Има тренд на инвестиции, пред сè, во обновливи извори на енергија. Но, треба да се каже дека обновливите извори на енергија, од аспект на водење систем за балансирање, се проблематични, поради тоа што не може најточно да се предвиди нивното производство на електрична енергија. Тука МЕПСО, кој е одговорен за балансирање на целиот систем, ќе се соочува со предизвици. Тоа не е случај само во Македонија туку и во Европа и во регионот каде што има голем број нови фотоволтаични електрани. Кај нас добиваат лиценца фотоволтаични електрани што добиле решение за согласност за приклучување од страна на операторот на мрежата ЕВН или МЕПСО, кои гарантираат дека ќе нема никакви проблеми во однос на водењето на системот. Тоа е процес што и понатаму ќе има инвестиции. Но, треба да се знае дека нема само МЕПСО да се соочува со предизвици во однос на балансирањето, туку и другите преносни системи во регионот. Тие не се изолирани системи и електричната енергија не работи по правила на постоење граници, туку работи по физички закони. Така, во заедничка координирана акција на сите регионални преносни систем оператори, полесно ќе се решаваат тие предизвици, кои се очекуваат во наредниот период. Според мене, најдобро е во Македонија, поради тоа што имаме стари термоелектрани, што е можно поскоро да се започне со инвестиции во когенеративни постројки, кои ќе произведуваат електрична и топлинска енергија и, конечно, да се реализира проектот за Чебрен и да им се овозможи на инвеститорите да градат батериски системи со цел да се олесни ситуацијата во однос на балансирањето на системот. Во моментот, веќе може да се поставуваат батерии кај самите фотоволтаици.

Цените на струјата во Западна Европа се многу пониски од оние во регионот. Која е причината за тоа? 

Тоа се случи летово и ние, како РКЕ, заедно со Министерството за енергетика, побаравме објаснување од Секретаријатот на енергетската заедница што е тоа што се случува во регионот, особено во летниот период, за цените на електричната енергија во нашиот регион да бидат два до три пати повисоки од другиот дел на Западна Европа. За тоа прашање сè уште се разговара во Енергетската заедница за точно да го детерминираме и да може да го решиме. Доколку се проблем прекуграничните преносни капацитети – да се инвестира, доколку е проблем немањето доволно електрична енергија во регионот – да се инвестира во производствени капацитети и да видиме дали, можеби, имало некое надворешно влијание што не зависело од тоа што се случувало на пазарите на електрична енергија во регионот. Тоа прашање мора да го расчистиме час поскоро за да може да се преземат мерки. Невообичаено е во регион во кој се изградија многу фотоволтаици, каде што се зголеми понудата, а потрошувачката остана иста, да имаме ваква сериозна разлика на цените споредено со цените на електричната енергија во Западна Европа.

Едно време имавме најевтина цена на струјата во регионот. Како стоиме во моментов, дали сè уште сме на врвот?

Сè уште имаме една од најниските цени на струјата во регионот. Само во Косово е поевтина, тука некаде сме со Србија и со Црна Гора, во Албанија е исто како во Македонија. Но, треба да се каже дека субвенциите во Албанија и во Србија, во текот на енергетската криза, беа далеку повисоки отколку што беа во Македонија. Инаку, нашиот регион, во делот на цената за домаќинствата, важи за регион со најниски цени во Европа.

Ќе продолжи ли субвенционирањето на сметките за струја на граѓаните со оглед на тоа што од Владата се пожалија дека добиле фактура за наплата од ЕСМ во износ од 60 милиони евра?

Субвенциите беа само приказ во сметките за електрична енергија за да се види што би значело доколку не продава ЕСМ по цената по која ја продава споредено со пазарната цена. И на моменти, во март и во април, кога цените на слободниот пазар беа пониски од цената на ЕСМ, беше срамота да останат тие податоци на сметките и граѓаните да добиваат сосема поинаква слика од реалната, и затоа е тргнат тој приказ. Поради тоа, ЕСМ се задолжи со кредити кај комерцијалните банки, бидејќи производствената цена е 120-130 евра за мегават-час, а ЕСМ ја продава по 62 евра за мегават-час. Факт е дека треба да му се помогне на ЕСМ да се стабилизира, со тоа ќе добиеме сите ние.

Како ја оценувате 2024 година на енергетски план и какви се Вашите прогнози за 2025 година, ќе имаме ли пониска цена на струјата?

Единствената добра работа во енергетската криза, која, во основа, беше финансиска криза, е што разбравме колку е важна енергетиката. Во Македонија, во изминатите две-три години, се случија многу инвестиции во обновливи извори на енергија. Но, за да имаме стабилно водење на системот, очекувам во 2025 година да започнат проекти за изградба на когенеративни постројки и иза зградба на батериски системи за да може да се подобри ситуацијата во енергетскиот сектор. Очекувам да има поголемо производство со намалени трошоци и да се намалува производствената цена на ЕСМ.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ