На дел од автобуската станица во Штип ќе се гради маркет „Лидл“. Како што објасни градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, автобуската станица што е во непосредна близина на градскиот стадион нема да биде дислоцирана, туку само ќе се намали бројот на перони поради изградбата на маркетот. Така, наместо 10, автобуската станица ќе има пет перони.
– Автобуската станица, која е во приватна сопственост и во последните години бележи намалена фреквенција на автобуски сообраќај, договорено е да го намали бројот на перони од десет на пет, а на останатото место да се гради маркетот – вели Јорданов.
Општината веќе почна да го уредува постојниот паркинг-простор пред aвтобуската станица и очекува компанијата инвеститор да ги собере сите неопходни документи од надлежните министерства, врз основа на кои Општина Штип ќе може да го издаде решението за градба на маркетот на површина од 5.000 квадратни метри.
– Ако евентуално инвеститорот се премисли за оваа локација, тогаш Општината ќе го уреди раскопаниот простор пред aвтобуската станица во паркиралиште – дециден е Јорданов.