Ќе се најде ли јунак да го тргне изворот на зараза

79

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје направиле обиди за дислокација на семејствата, со изнаоѓање на индивидуални решенија за секое од семејствата, меѓутоа тоа не било успешно, бидејќи дислокацијата не била прифатена од корисниците и во моментов во објектот повторно има диво населени лица. Притоа, информираат дека се работи на изнаоѓање на најсоодветно решение кое ќе го реши и затвори овој проблем. Од Општина Гази Баба, пак, тврдат дека и покрај тоа што објектот е во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади, во неколку наврати комплетно го исчистиле просторот со механизација на ЈКП „Гази Баба 2007“ и имале поднесувано иницијативи за изнаоѓање на решение

 

Бездомници кои живеат во руинираниот објект на поранешната установа за згрижување и воспитување деца и младинци со проблематично однесување „Ранка Милановиќ“ со години им задаваат мака на околните жители. Не само што го демолираа објектот, тие во овие студени зимски денови во дворот на објектот палат сè што ќе им дојде при рака: пластики, автомобилски гуми, дрва и што уште не, а зад себе оставаат и купишта отпад.  Тоа, пак го загадува воздухот, поради што граѓаните се жалат на печење на очите и дека секојдневно се труени.

И Општината Гази Баба и Министерството за социјална политика, демографија и млади повеќепати се обидуваа да ги дислоцираат и да го решат проблемот, но тоа не им успева. Граѓаните реагираат дека ова место станува извор на зараза за сите и бараат проблемот конечно да се реши.

– Страшно, срамота. Да се најде јунак овој срам за сите еднаш да го реши. Колку народ тука врви, сите се згрозени – коментира Ива.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека со последниот заклучок на Владата, на седницата одржана на 9.11.2020 година, во врска со ова прашање, им се препорачало и на Градот Скопје и на локалните самоуправи во согласност со своите надлежности да преземат активности за обезбедување на услови за домување на лицата во социјален ризик кои се сместени до мај 2021 година, со оглед на тоа што, како што нагласуваат, проблемот со домување е клучен за решавање на нивната состојба.

– Притоа се укажа на потребата од поддршка од страна на единиците на локалната самоуправа, особено на територијата на Град Скопје во однос на трајно решавање на проблемот со домувањето на овие семејства во согласност со законските надлежности, како и преземање мерки во однос на проблемот со дивите населби кои поради ненавремена контрола достигнуваат поголеми размери, а со тоа, потоа претставуваат и поголем проблем за решавање – објаснуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Оттаму додаваат дека согледувајќи оти во текот на сместувањето корисниците целосно го руинирале објектот, поради што не е безбеден и нема основни услови за живеење, од страна на министерството и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје биле направени обиди за дислокација на семејствата, со изнаоѓање на индивидуални решенија за секое од семејствата, меѓутоа тоа не било успешно, бидејќи дислокацијата не била прифатена од корисниците и во моментов во објектот повторно има диво населени лица.

– Мора да се нагласи дека сместување на бездомни лица се реализира со согласност од страна на самите лица. Истовремено, информираме дека се работи на изнаоѓање на најсоодветно решение кое ќе го реши и затвори овој проблем. За конечното решение јавноста ќе биде информирана – одговорија од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Од Општина Гази Баба, на чија територија се наоѓа објектот, нагласија дека службеници од Секторот за инспекциски работи секојдневно ја посетувале локацијата и оти тоа, најчесто го правеле со припадници на Министерството за внатрешни работи.

– Инспекторите не се во можност да изречат глоби и да направат записници согласно законот, бидејќи лицата кои се сместени во објектот немаат документи за лична идентификација, односно тие се диво населени во него – објаснуваат од Општина Гази Баба.

Оттаму додаваат дека и покрај тоа што објектот е во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади, во неколку наврати комплетно го исчистиле просторот со механизација на ЈКП „Гази Баба 2007“ и имале поднесувано иницијативи за изнаоѓање на решение.

– Сакаме да нагласиме дека немаше ниту слух, ниту поддршка од минатото раководство на министерството кое одеше до таму што ни забрани да го чистиме просторот, бидејќи не бил под наша надлежност – наведуваат од Општина Гази Баба.

Тие ја поздравуваат иницијативата на новото раководство на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со кои веќе одржале неколку средби и се разгледувале различни можности за изнаоѓање решение за овој проблем.

Последното чистење на овој објект беше реализирано на крајот на февруари минатата година со заедничка акција на тогашниот технички министер, а сега заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Велковски тогаш порача дека тоа е првичната помош за да се спречи евентуална зараза кај возрасните и пред сè на децата што се сместени во овој објект и вети системско решение за овие луѓе да добијат достоинствено социјално домување, што е во согласност со сите конвенции за заштита на човековите права.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ