Поради неправилно одлагање на пепелта од РЕК Битола и при посилен ветер се разнесува во воздухот, создавјќи бел облак над електраната, а оваа појава е видлива и од градот Битола и се шири низ Пелагониската Котлина. Граѓани реагираат велат дека пепелта, која ја испушта термоелектраната како нуспроизвод од согорувањето на јаглен за електрична енергија, содржи радиоактивни елементи. Според нив, место пепелта да се одлага во касети и да се затрупува со земја, била одлагана на отворена депонија.
На барање на државни инспектори за животна средина депонијата е исчистена и од 25 април ќе се прска со вода траката која ја носи пепелта, а одлагањето ќе се врши во касети и ќе се затрупува со земја

Граѓани на социјалните мрежи во изминатиот период и деновиве споделуваат фотографии дека поради неправилно одлагање на пепелта од РЕК Битола и при посилен ветер се разнесува во воздухот создавање бел облак над електраната, а оваа појава е видлива и од градот Битола и се шири низ Пелагониската Котлина. Тие реагираат велат дека пепелта која ја испушта термоелектраната како нуспроизвод од согорувањето на јаглен за електрична енергија, содржи радиоактивни елементи. Според нив, место пепелта да се одлага во касети и да се затрупува со земја, била одлагана на отворена депонија.
– Во прашање е содржината на ураниум и ториум во јагленот, и двата се радиоактивни елементи. Тие се појавуваат во такви количества во траги во природен, или „цел“ јаглен што не претставуваат проблем. Но, кога јагленот се согорува во „летечка“ пепел, ураниумот и ториумот се концентрираат до 10 пати повеќе од нивното првобитно ниво. Ураниумот од „летачката“, пепел понекогаш завршува во почвата и водата што ја опкружува електраната на јаглен, што влијае на земјоделските површини и на храната. Луѓето кои живеат во „сенката на оџакот“ – областа во радиус од половина до една милја (0,8 до 1,6 километар) од чадовите на РЕК Битола може потоа да внесат мали количини на зрачење. „Летачката“ пепел, исто така , се отстранува на депонии и напуштени рудници и каменоломи, што претставува потенцијален ризик за луѓето што живеат околу тие области – објави во статус на Фејсбук, Милош М.
Борислав С. пак, негира дека прашината е радиоактивна затоа што во термоцентралата се согорува фосилно гориво – јагленот кој нема допирна точка со каква било радиоактивна супстанција.
– Прашината е токсична, ама не е радиоактивна. Нема од каде и од што да биде радиоактивна, со оглед дека РЕК е термоцентрала и во неа се согорува само јаглен и мазут, а нити јагленот нити мазутот може да се радиоактивни, со оглед дека се фосилни горива, кои немаат никаква допирна точка со било каква радиоактивна супстанција – коментира Борислав С.
Од РЕК Битола негираат дека се шири радиоактивен облак од пепелта. Оттаму посочуваат дека и порано, со децении наназад облаците со прашина биле присутни при поинтензивен ветер, а причина за оваа појава се временските услови, топлото време и засилен ветер.
– Пепелта се одлага по принцип – транспорт, одлагање и засипување со земја на одложената пепел, преку 3,7 километри на транспортна лента. Иако во континуитет се влажни, топлото време и ветерот си го прават своето, пепелта се суши и во моментот на спуштање во касетата, одредено количество се издига во воздухот – велат од РЕК Битола.
Основното јавното обвинителство – Битола веќе има оформен предмет и истражува дали одлагањето на пепел на депонијата во комбинатот се врши согласно еколошката дозвола, главниот рударски проект и другите прописи за заштита на животната средина. Оттаму било побарано Државниот инспекторат за заштита на животната средина да изврши вонреден инспекциски надзор, што е и направено на 26 март годинава, при што инспекцијата при увидот утврдила поголеми количества на пепел на одлагалиштето кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект.
– Од надзорот беше издадено задолжение, во рок од 30 дена количествата да бидат соодветно одложени во касета и посипани со земја во согласност со протоколот за одлагање. Санкции не се изречени – нагласуваат од РЕК Битола.
Потоа биле преземени соодветни мерки и теренот на која се депонирал, а пепелта е исчистена.
– Денес на одлагалиштето, кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ни еден грам пепел, истата е одложена и теренот е посипан со земја. Извршено е планирање и поместување на траката, со што веќе од 25 април одлагањето ќе продолжи во касета. Водените топови ќе бидат ставени во функција веднаш штом се помести траката, а во меѓувреме попрскување на одложената пепел со специјални средства, се врши со цистерна – децидни се од Рударскиот комбинат.
Оттаму истакнуваат дека биле извршени мерења на амбиенталниот воздух беа извршени од страна на „Технолаб” ДОО Скопје, акредитирана лабораторија за животна средина и безбедност при работа.
– Врз основа на податоците добиени од извршениот мониторинг се констатира дека: во согласност со Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух (Сл. весник на Р.М. бр.50 од 2005 год. и 183/2017 год.), во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ПМ10. Како раководство јасно ја демонстрираме нашата решителност да се справиме со долгогодишните проблеми и да обезбедиме одржливо работење во иднина по сите еколошки стандарди – нагласуваат од РЕК Битола.
(С.Бл.)
Фото: Архива на весникот ВЕЧЕР