Градските советници, на наредната седница што ќе се одржи в четврток, ќе одлучуваат по предлогот на Град Скопје за изменување на одлуката за линиски превоз на патници. Односно, станува збор за менување на возниот ред на линиите: 2, 2а, 3, 3б, 5, 8, 17, 24, 50, 57, 18, 60, 61 и 71.
-Јавниот градски и приградски превоз во Градот Скопје е дефиниран со одлуката за линиски превоз на патници во Градот Скопје, со која е изработен, регистриран и одобрен единствениот возен ред. Од направените анализи од ЈСП и од Град Скопје, предлагаме измени што се во функција на „оптимизирање“ на работењето на линиите. Овие предлози имаат цел да придонесат за подобрување на понудата за превоз на патници, односно подобрување на јавниот градски превоз – велат градските власти.
Тие додаваат дека, поради несоодветно време за полуобрт и појава на доцнење, потребно е зголемување на времето на возење од почетната до крајната станица и обратно. Притоа се редуцираат дел од поаѓањата на одредени линии за, како што велат, да се избегне појавата на губење полуобрти.
Од Град Скопје сметаат дека со предложените измени во оваа одлука ќе се задоволат барањата на корисниците на јавниот превоз и ќе се подобри превозната услуга.