Ќе се крене ли маглата меѓу Скопје и Софија?!

Бугарија доби нова редовна политичка Влада, а Македонија конечно соговорник со полн политички легитимитет за отвореното прашање околу вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, со цел деблокирање на македонските евроинтеграции. Очекувањата кај македонските власти, како и кај дел од познавачите, се дека со формирањето на стабилната влада во Софија може конечно да се отвори патот за позитивен меѓусебен дијалог, но процесот ќе биде тежок. Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека македонската страна сега барем ќе се соочи со тврдите ставови на Софија и до која мера Бугарија може да оди со својот негативизам. Дијалогот што ќе мора да се одвива, вели тој, ќе покаже во која насока ќе се движат односите меѓу двете земји

398

Бугарија доби нова редовна политичка Влада, а Македонија конечно соговорник со полн политички легитимитет за отвореното прашање околу вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, со цел деблокирање на македонските евроинтеграции. Македонските власти подолг период очекуваа и порачуваа дека би било позрело од другата страна да имаат партнер кој има целосен политички легитимитет, иако од Софија пристигнуваа сигнали дека кој и да биде во новата бугарска Влада нема да ги промени бугарските позиции во однос на Македонија. Тоа е и официјален став на бугарското народно Собрание. Сепак, очекувањата кај македонските власти, како и кај дел од познавачите се дека со формирањето на стабилната влада во Софија може конечно да се отвори патот за позитивен меѓусебен дијалог и евентуално решение кое би било задоволително за двете страни.

За време на сите технички Влади од 2021 година па наваму, од официјална Софија пристигаа збунувачки изјави во однос на тоа дали спорот е мултилатерален или билатерален. Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, вели дека иако Бугарија ја префрли топката во Брисел и тврди дека прашањето е мултилатерално, преговорите со бугарските политичари се паралелен процес и тие мора да се одвиваат.

-Се работи за исклучиво билатерален договор, кој впрочем не суштествува во ниту една препорака од нашиот стратешки партнер САД, кои кажуваат дека секој кој е против почитувањето на потпишаните договори, е против безбедноста на Балканот. Сега имаме две насоки кон ЕУ. Овој договор, кој е билатерален и кој упатува на одредени обврски и од бугарска и од македонска страна, и предвидува во член 13 став 2 да биде надграден со конструктивни предлози кои ќе придонесат за унапредување на пријателството меѓу двете држави, што е многу позитивно. Другиот пат кон Брисел е преговарачката рамка, предложена за време на француското претседателство, но која не е верифицирана во македонскиот Парламент и со тоа не е дел од нашиот преговарачки процес. Преговарачката рамка е само предлог кој ние како Собрание го немаме изгласано, вели Ѓорчев во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според него, ако ништо друго, македонската страна ќе мора да се соочи со тврдите ставови на Софија и до која мера Бугарија може да оди со својот негативизам и дијалогот што ќе мора да се одвива, ќе покаже во која насока ќе се движат односите меѓу двете земји.

-Во секој случај, барем ќе се соочиме со нивните тврди ставови, затоа што сите парламентарни бугарски партии опстојуваат на бугарските ставови. Ќе можеме да откриеме, да детектираме до која мера нивните негативизми можат да одат во дијалогот помеѓу Бугарија и Македонија. Кога ќе знаете дека тие не отстапуваат, тогаш вие ќе преземете чекори или нема да водите дијалог, ќе кажете дека договорот не се исполнува. Ќе утврдиме до каде можат да издржат во нивната негаторска тенденција. Историските прашања подлежат на европски регулативи. Нема да дозволиме нарушување на европскиот стандард со некакви барања од бугарска страна. Ќе мора да седиме на маса. Нема да биде тоа лесен, ќе биде тежок процес, но ќе стане јасно во која насока ќе се движат односите меѓу двете земји. До сега бевме по една политичка магла, вели поранешниот амбасадор.

Деновиве, македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во телевизиско интервју повторно потенцираше дека најдобро е решение да се постигне со политичка влада којашто ќе има целосен легитимитет да го спроведе она што ќе го договориме, затоа што, вели, факт е дека претходниот предлог беше прифатен од Влада што немаше политички легитимитет да го прифати тој предлог.

-Затоа што тој предлог во себе инкорпорираше двотретинско мнозинство – за потребата од уставни измени. Таа влада можеби имаше политички легитимитет да носи одреден тип на одлуки, но да носи априори одлуки со двотретинско мнозинство – немаше легитимитет. Затоа, гледајќи низ призмата на лошата пракса што ја имало со наши претходници, сметаме дека е многу позрело, многу пологично да разговараме со партнер од другата страна кој има потполн политички легитимитет, рече Муцунски во интервју на ТВ Телма.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, цврсто опстојува на ставот дека нема да има уставни измени под бугарски диктат. Тој на сите средби со европски лидери го презентира македонското барање за уставни измени со одложено дејство, односно измените да се изгласаат во македонското Собрание, но да стапат на сила тогаш кога Бугарија ќе го ратификува македонското членство во Европската Унија.

Во исто време, посетата на премиерот Мицкоски во Вашингтон за инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, е добра шанса да се лобира за македонските евроинтеграции и да се афирмираат македонските позиции. Дел од познавачите сметаат дека присуството на Мицкоски на инаугурацијата е значаен настан и еден убав гест во однос на Македонија и средбите кои се најавуваат отвораат сериозни можности за земјава, иако Балканот не е во приоритетот на американските политики.

Народното собрание на Бугарија, денеска ја избра новата Влада што ќе предводи премиерот Росен Жељазков. Со тоа, по многу обиди во изминатите четири години, неколку изборни циклуси, и два и пол месеци по последните парламентарни избори, Бугарија доби редовна политичка влада. Во новиот владин кабинет, коалицијата ГЕРБ-СДС има 11 министри, БСП – Обединета левичарска партија пет, а Има таков народ ќе има четворица. ДПС – ДПС иако ја поддржа, нема да партиципира во новата Влада. Министер за надворешни работи во новата Влада на Бугарија, што ја предводи премиерот Росен Жељазков е Георг Георгиев од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Георгиев беше заменик-министер за надворешни работи од ноември 2014 година до јануари 2017 година, во време кога бугарската дипломатија ја водеше Екатерина Захариева. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ