Здружението „Амброзија” од Пехчево почнува со реализација на проектот за зачувување на стари сорти овошки во прекуграничниот регион Малешево и Беласица, кои спаѓаат во подрачја со богата биоразновидност на животинскиот и растителниот свет.
Јасминка Пашалиска-Андоновска од Здружението „Амброзија“ информираше дека проектот ќе се реализира во соработка со здруженијата „Биоматера“ од Бугарија и Македонско еколошко друштво (МЕД), со точно прецизирани активности кои ќе се спроведуваат во наредните 18 месеци.
– Прекуграничниот регион на Малешево и Беласица има огромни потенцијали од аспект на биоразновидност на растителен и животински свет. Овие подрачја се дел од европскиот зелен појас и дел од заштитените подрачја. Тоа е причина што во партнерство со „Био-матера“ од Бугарија и МЕД почнавме проект на зачувување на старите видови овошки во Малешево и Беласица. Од таа причина ќе направиме истражување кои се тие стари видови на овошки, понатаму ќе направиме нивна инвентаризација и начин на нивна конзервација, односно начин за нивна конзервација за да се продолжи традицијата за негување – истакна Пашалиска-Андоновска.
Паралелно со истражувачкиот дел во рамки на проектот предвидени се и активности за подигање на јавната свест помеѓу населението за значењето на овие овошки за биоразновидност.
– Посебен акцент ќе биде ставен на едукација на младите за економските придобивки од користењето на овие овошки што и тоа како е значајно за овие региони – нагласи претседателката на пехчевското здружение.