Друштвото на филмските работници на Македонија објави конкурс за избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола. Новиот директор на фестивалот ќе го наследи досегашниот Симеон Дамески, кој во два мандата, од по две години, го водеше фестивалот на кинематограферите од светот кои секоја есен во Битола се натпреваруваат за наградата златна „Камера 300“.
Според конкурсните услови, кандидат за директор на ИФФК „Браќа Манаки“ може да биде секој редовен член на Друштвото на филмските работници на Македонија или докажан и афирмиран професионалец од областа на уметноста, културата или друга јавна сфера.
Конкурсот е отворен до 6 март, а изборот на директор на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде извршен од пријавените кандидати на следното изборно Собрание на Друштвото на филмските работници.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ има мандат од две години со право на повторен избор.