Општина Центар распиша конкурс на тема „Учиме да рециклираме – заедно креираме“ за избор на најдобро уредено училиште (училница или кабинет) со рециклирани материјали. Оттаму велат дека целта на натпреварот е да се подигне свеста кај учениците, родителите и кај наставниот кадар за важноста на животната средина.
– Рециклирањето претставува модел за заштита на нашето опкружување и, како процес, може да се претстави во креативно осмислување и уредување на внатрешниот училиштен простор, одредена училница или кабинет – велат од Центар.
Право на учество на конкурсот имаат учениците од прво до деветто одделение, нивните родители и наставниот кадар од сите основни училишта на територијата на Општина Центар – Скопје, при што задолжително е почитувањето на зададените критериуми: за реализирање на наведената тема, задолжително е користење предмети, украси и разни реквизити што се направени исклучиво од рециклирани материјали, како и тоа дека изработките мора да бидат оригинални и претходно училиштето да не учествувало на други натпревари со нив.
Во Програмата за образование за 2025 година, предвидени се финансиски средства од буџетот на Општина Центар, со кои ќе се обезбеди парична награда за училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место на конкурсот. Наградите ќе бидат доделени во мај годинава.