Според пресметките на Управата за јавни приходи, по основ на „Мој ДДВ“ ќе бидат исплатени над 870 милиони денари. Од УЈП информираа дека законскиот рок за исплата на повратот за четвртиот квартал е до 28.2.2025 година. Оттаму велат дека за 5.157 кориснички профили во системот на УЈП нема точни или ажурирани податоци, со што не можат да им бидат исплатени средствата.
– Корисниците на „Мој ДДВ“ што немаат исплата на средства за претходното тримесечје, треба да проверат дали имаат оставено точни податоци во апликацијата, за трансакциска сметка на нивно име за да може системот на УЈП да ја изврши исплатата. Најчести грешки што го одложуваат процесот на исплата се: погрешно внесена трансакциска сметка; внесена трансакциска сметка на друго лице; место трансакциска сметка, внесен број на платежна картичка; внесена трансакциска сметка што не постои или е згасната – се наведува во соопштението на УЈП.
Во тек е исплатата на средствата за скенираните сметки во периодот октомври – декември, кон 496.543 корисници. Откако ќе заврши реализацијата на редовниот поврат (четврти квартал), УЈП ќе започне со реализација на средствата за корисниците што имале неажурирани податоци и немало можност да им се исплатат средствата во минатите квартали.