Велосипедска патека, со должина од околу 22 километри, е новиот одобрен проект, кој во следниот период, ќе се реализира во Берово, во рамки на Програмата „ИНТЕРРЕГ VI-А IPP Бугарија – Македонија 2021-2027“, раководени од Министерството за регионален развој и подобрување.
Постојната трасирана патека е една од најатрактивни локации за планински велосипедизам како туристичка понуда, со старт од меѓународниот асфалтен пат во туристичката населба Беровско Езеро, преку месноста Кукута и месноста Бреза и завршува на граничниот премин Клепало, каде што се поврзува со асфалтен пат.
Проектот предвидува и изградба на место за одмор и рекреација – летниковец од дрвен материјал на соодветна локација во месноста Кукута, соодветна сигнализација по целата велосипедска патека, со одбележување на сите локации. На соодветна локација предвиден е исто така и вграден сервис за брза поправна на велосипеди, поставен на бетонска подлога и место за одмор, опремено со тоалет и корпи за отпадоци. Ќе бидат изработени две големи информативни табли од дрвен материјал.
Партнери на Општина Берово, во проектот се: Општина Струмица, Туристичкиот сојуз од Струмица, од Македонија и Општина Петрич, Општина Струмјани и Бизнис информационен и консултански центар – Сандански во Република Бугарија. Водечки партнер во проектот е Општина Петрич.