Ќе се гради трета полициска станица во Општина Кисела Вода

13

Општина Кисела Вода ја привршува подготовката на проектната документација што ќе овозможи реализација на овој проект кој е приоритет за унапредување на безбедноста во Општината.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, ја искористиле денешната средба токму за подетално разгледување на овој проект.

– Состанокот беше фокусиран на дефинирање на конкретните активности потребни за изградба на новата полициска станица, која е предвидена со Деталниот урбанистички план (ДУП), во близина на кружниот тек меѓу Кисела Вода и Припор. Беше направена анализа на предложената локација, која е стратешки избрана за да одговори на потребите на населението од овој дел на Општината – информираа од Општина Кисела Вода, потенцирајќи дека заклучокот од оваа средба бил дека отворањето трета полициска станица е, несомнено, потреба и би овозможило поголема присутност на полицајците на терен, но и побрза реакција.

На територијата на Општина Кисела Вода функционираат две полициски станици, а во Општината живеат околу 70.000 жители. Едната полициска станица ја покрива цела централна Кисела Вода, сè до Пинтија, додека ПСОН Драчево, покрај селото и населбата Драчево, ги покрива и Студеничани, Батинци, Зелениково и Морани.

 – Во новиот објект ќе има и административни служби за вадење документи, а предложеното решение ќе ги растовари и постојните полициски станици „Беко“ и „Пролет“. Проблемите со недостигот на простор и ограничен паркинг, кои се особено изразени во овие станици, ќе бидат значително олеснети со новата станица во Кисела Вода – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.