Ќе се гради само една зграда, а предвидени се и два парка

119

– Оттука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно-политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати – велат од општина Аеродром

Изградба на само една зграда и два парка предвидува деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче што Советот на Општина Аеродром го усвои на вчерашната седница.

Од Општина Аеродром соопштија дека овој ДУП решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.

– Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни – потенцираат од локалната самоуправа.

Притоа додаваат дека со донесувањето на урбанистичкиот план, Општина Аеродром уште еднаш покажала отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината.

Според општината, изработката на деталниот урбанистички план се реализирала транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност.

– Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително и од Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции – наведуваат од Општина Аеродром и потенцираат дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината.

– Оттука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно-политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати – велат од општина Аеродром.