Ќе се бере див лук, вистински пролетен деликатес за луѓето и за мечките

6376

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, годинава на шести април, по четврти пат ќе ја организира традиционалната „Сремушијада“.

Собирањето е закажано за во 8:00 часот, на паркингот под манастирот „Свети Аранѓел“,  каде што прво ќе се поделат благодарници и ќе се консумира песто паста од мечкин лук – сремуш, а потоа, во 8:30 часот ќе се тргне по царската патека кон Царева Чешма, која е на надморска височина од 1.250 метри. На Царева Чешма ќе се собира мечкин лук – сремуш, таму го има во изобилство.

– Дотаму може да дојдете со сопствен превоз или со автобусот со бројот „61“, кој тргнува од Транспортниот центар во 6:45 часот, додека автобус за назад има во 18:00 часот.

Турата е долга 15 километри, со висинска разлика од 700 метри. По тежина е средно тешка тура, а за почетниците планинари е екстра тешка.

– На почетокот ќе се движиме по широк земјен пат, а потоа по тесна дрварска патека во шумски појас. Ќе биде особено тешка за почетниците планинари, поради искачувањето и спуштањето по стрмен терен кон и назад под Царева Чешма – објаснува Дејан Вељанов, претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

Дивиот лук расте на почетокот од пролетта. Оваа самоникната шумска билка Allium ursinum, позната и како сремуш, див лук и шумски лук, често се нарекува и мечкин лук, затоа што е вистински пролетен деликатес не само за луѓето, туку и за мечките.

Се препознава по интензивниот мирис на лук. Тој е силен природен антибиотик, кој изобилува со витамин Ц, сулфурни соединенија и со бројни други лековити состојки. Во литературата за народна медицина се наведува дека е подобар дури и од лукот поради тоа што е самоникнат, не е третиран со пестициди, а е и полековит.

Дивиот лук содржи алицин, етерични масла, алисулфиди и полисахариди, а вкусните млади изданоци, од кои може да се направат салати, крем-супи, песто, ароматично масло, тинктури и слично, содржат од 20 до 50 милиграми витамин Ц и каротин. Содржи и вредни минерални соли.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ