Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повикува жителите на средба в недела, во 19 часот, во спортската сала во Шуто Оризари, на која како што најавува на Фејсбук ќе се дискутира за депонијата во Шуто Оризари, која веќе долго време е проблем, за, како што вели непредвидливиот и недоволен јавен градски превоз, но и за честите прекини на електричната енергија.
– Депонијата во Шуто Оризари веќе долго време е проблем, но сега ситуацијата ескалира до алармантно ниво. Ѓубрето, неподносливиот мирис и загадувањето ја загрозуваат животната средина и здравјето на жителите. Многумина мислевме дека ова ќе биде нашиот најголем приоритет, но додека се справуваме со тоа, се појавија и други, исто толку сериозни проблеми – наведува Дудуш.
Меѓу проблемите тој го споменува и јавниот превоз за кој вели дека сега е непредвидлив и недоволен.
– Луѓето се борат да стигнат до работа, училиште или болница. Наместо да се решаваат овие прашања, пред нас се појави уште еден критичен проблем, а тоа е и недостигот на струја. Прекините на струја станаа секојдневие за многу делови од Шуто Оризари. Ова не само што го отежнува секојдневниот живот, туку и сериозно го загрозува квалитетот на животот и можноста за работа и учење. Затоа е време за акција – нагласува градоначалникот.
На средбата како што наведува Дудуш ќе бидат присутни и правни лица, кои ќе ги објаснат правните аспекти и начинот на кој може да се решат овие проблеми. При тоа, ги повикува жителите со себе да понесат сметки за струја, како доказ дека редовно се плаќаат, месечни карти од ЈСП, за да покажат дека користат јавен превоз, како и сметки за платени комуналии во Град Скопје, како потврда за одговорноста како граѓани.
(А.П.)