Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека Македонија има стратешка локација на Балканот и има потенцијал да прерасне во центар на авиосообраќајот во овој дел на светот. А тоа, како што истакна, ќе се случи преку воведување на нови авиолинии заедно со партнерски авиокомпании, како и поттикнување на нискобуџетни превозници кои ќе овозможат пониски авиобилети. Тој нагласи дека со модернизација на аеродромите и подобрување на нивниот капацитет се отвораат можности за зголемен број летови
Нека е со среќа новата линија, си посакаа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екси, и турскиот амбасадор Фатих Улусој, на почнувањето со работа на новата авиолинија од Истанбул до Охрид, која четири пати неделно ќе ја опслужува авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“.
Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека Македонија има стратешка локација на Балканот и има потенцијал да прерасне во центар на авиосообраќајот во овој дел на светот. А тоа, како што истакна, ќе се случи преку воведување на нови авиолинии заедно со партнерски авиокомпании, како и поттикнување на нискобуџетни превозници кои ќе овозможат пониски авиобилети. Тој нагласи дека со модернизација на аеродромите и подобрување на нивниот капацитет се отвораат можности за зголемен број летови, а од друга страна со промоција на Македонија како авиотранзитен центар се зголемува атрактивноста на земјата за нови деловни инвеститори.
– Нови авиолинии значат унапредување на имиџот на државата како туристичка дестинација. Имаме огромни туристички потенцијали за домашни и странски туристи, а владата преку изградба на инфраструктура придонесува кон таквата промоција. Денешниот чекор е само почеток – нагласи Мицкоски.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна дека со обмислена стратегија успеваме охридскиот аеродром да го развиваме.
– Ја воспоставуваме новата и најважна линија Охрид-Истанбул со која Охрид преку Истанбул ќе го поврземе со цела Европа и светот. Ова е комплетно нова димензија за охридскиот аеродром и целосно нов развој на охридскиот аеродром затоа што најголемата светска авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ воведува директна линија, четири пати неделно со најголемиот аеродром во Европа, аеродромот во Истанбул, што многу ќе значи за бројот на патници и не само за туризмот, туку и за редовното патување, затоа што аеродромот во Истанбул е со најмногу конектинг летови во Европа. Веќе познавам луѓе кои имаат купено карти од Торонто за Охрид или од Вашингтон за Охрид затоа што преку Истанбул со конектинг летови ќе можат да дојдат во Охрид што драстично ќе го зголеми бројот на патници и тоа ќе помогне да се развива туризмот, бизнисот, комуникациите, што е комплетна нова димензија за охридскиот аеродром – рече Николоски.
Тој потсети дека до Охрид имаме нови дестинации, тоа е Истанбул и Базел, а имаме нови осум дестинации и од Скопје.
– Но од сите 10 дестинации за мене најважна е Истанбул бидејќи отвора нова врата за охридскиот аеродром и за целиот регион. Во преговори сме и тие преговори за брзо време треба да завршат со една голема компанија која што очекувам да донесе две до три нови дестинации и на тој начин да расте бројот на дестинации на охридскиот аеродром. И пуштањето на автопататот на тие 40 -тина километри од Врбјани до Охрид секако многу ќе значи за охридскиот аеродром – рече Николоски.
Амбасадорот на Турција во нашата земја, Фатих Улусој истакна дека новата авиолинија ќе ги зајане врските во транспортот, економијата и туризмот меѓу двете држави. Тој потсети дека 280 илјади туристи од Турција лани ја посетиле Македонија.
Главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, потсети на природните и историските знаменитости на Охрид и истакна дека годинава кога ТАВ прославува 15 години од преземањето на аеродромите во Македонија имаат инвестирано над 300 милиони евра и бројот на патници достигна над 3 милиони. Тој истакна дека тоа немало да биде постигнато без поддршка од македонската влада.
Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота од 480 авиони. Главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екси дека опслужуваат 18 линии од Македонија и подвлече дека не превезуваат само патници, туку придонесуваат во зближување на различните култури.
– Нашите народи имаат силни и блиски врски, јас можам да кажам дека на некој начин сум македонски зет. Сакаме со новата линија да ги пренесеме патниците од Охрид до Истанбул и натаму до други дестинации во светот, но намера ни е градот на Босфор да стане попатна дестинација за нив во кој ќе поминат пријатни моменти – рече Екси.
Муцунски Благодарност до ТАВ за поддршката во враќањето на македонските пациенти од странство
Министерот за надворешни работи и туризам, Тимчо Муцунски, оствари средба со главниот извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, и генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
– На средбата упатив искрена благодарност за логистичката поддршка што скопскиот аеродром ја обезбеди во процесот на испраќање и враќање на македонските пациенти кои се лекуваат во странство – поддршка што има големо значење за државата, за пациентите и нивните семејства. Разговаравме и за идните проекти што ТАВ ги планира во нашата земја, како и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката – вели Муцунски.
(С.Бл.)