Ќе пристигне изобразба на чудотворната икона на светиот великомаченик Георгиј Победоносец

140

Во познатиот женски манастир „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, манастирската слава во спомен на свети Григориј Палама ќе биде одбележана, меѓу другото, со пристигнување на изобразба на чудотворната икона на светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

– Станува збор за идентична изобразба на чудотворната икона на светиот великомаченик, која, кон крајот на 15 век, на манастирот Зограф во Светата Гора Атонска му ја подарил големиот добротвор на православните светињи, легендарниот молдавски војвода свети Стефан Трети Велики. Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ги информираме верниците за ова претстојно духовно торжество, што се случува во навечерието на втората недела од чесниот и велик пост – изјави сестра Ефимија.

Таа додаде дека со оваа идентична изобразба, трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава, од молдавската светиња во Зограф.

Иконата претходно ќе биде осветена во Градината на Пресвета Богородица, во двата манастира на великиот победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на раичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите што ќе ѝ притекнуваат со вера.

– Иконата ќе пристигне в сабота, на 30 март, во 16 часот. И како што прилега на еден воен трибун, каков што бил свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба од параден оркестар. Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следува празнична вечерна богослужба, а следниот ден, недела, 31 март, во 9 часот и божествена архијерејска литургија – информира сестра Ефимија, потенцирајќи дека со раширени срца и со радосни души ги покануваат сите да бидат дел од ова сенародно духовно славје и, како што вели, да ги примат „големите благослови на светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава“.