Ќе помогне ли средбата на Пендаровски – Вартоломеј да се деблокира издавањето на Томосот за МПЦ-ОА?

ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА НА СРЕДБА ВО фАНАР

73

Поранешниот шеф на македонската држава Стево Пендаровски завчера се сретнал во Фанар, Истанбул, со неговата сесветост г. г. Вартоломеј Први, архиепископ Константинополски на Нов Рим и Вселенски патријарх.

-На средбата, се разговарало за состојбите во православниот свет и улогата на Вселенската патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии, а, во тие рамки и за уникатното значење на Вселенската патријаршија како врховно институционално тело во православието, соопшти Кабинетот на поранешниот претседател Пендаровски.

До средбата доаѓа во периодот кога практично е запрен процесот на издавањето на томосот за автокефално на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија. До ова дојде откако во март 2023 година, потесниот состав на Синодот на МПЦ-ОА донесе одлука да не сослужува со Православната црква на Украина, која автокефалноста ја доби од страна на Вселенската патријаршија.

Ваквиот став на македонските владици најде на реакција од страна на Всеелнската патријаршија која почна да го одолговлекува издавањето на томосот за автокефалност на нашата црква. Поранешниот владика Тимотеј, во февруари минатата година, соопшти дека еден од проблемите за неиздавањето на томосот од страна на Вселенската патријаршија е нашето непризнавање на ПЦУ. Нешто подоцна, митрополит на Имврос, на Вселенската патријаршија Кирил, изјави дека признавањето на ПЦУ од страна на МПЦ-ОА е неопходен услов за издавањето на томосот за автокефалност. Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, во мај минатата година, изјави дека Вселенската патријаршија поставува неприфатливи услови за нашата автокефалност – откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ