Светската, а и италијанска музичка ѕвезда, Ерос Рамацоти, тргнува на планетарна музичка турнеја, во чии рамки ќе пее во најмалку 30 земји, не сметајќи ја родната Италија. Речиси на сите континенти – од Европа, Северна и Јужна Америка, сè до Австралија. Од најблиското наше соседство, Рамацоти ќе настапи во Хрватска, во „Арената“ во Загреб, и тоа на 28 април наредната 2026 година.
Секако, на концертите ќе го пее во живо и својот, најверојатно, најголем хит – „Una Storia Importante“, песна што премиерно ја испеа на славниот фестивал „Санремо“ во 1985 година. Меѓутоа, почесно место ќе има неговата нова песна – „Aма“, која е дел од неговиот нов тиражен албум „Battito Infinito“.
Да се потсетиме, поранешната турнеја на Ерос се одржа пред неколку години, а ја опфати и Македонија, со успешниот мегаконцерт во арената „Борис Трајковски“, кога имаше негови обожаватели не само откај нас туку организирано дојдоа и од јужна Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна, па дури и од Словенија, Австрија, Турција, Кипар, Израел и од Малта. Тогаш тешко можеше да се најде слободна соба за ноќевање во скопските хотели. Дали ќе биде така и овој пат, да пее во градот на Вардар, кој му остави силен впечаток, особено со вкусната храна?
Сегашната турнеја на сè уште популарниот и згоден Рамацоти е насловена „Важна приказна“. Низ песните се зборува за длабоката врска меѓу Ерос и неговата верна публика, за трајната врска што опфаќа време, граници и генерации. Покрај концертите во рамките на турнејата, во родниот Рим, Удине, Милано, Неапол, Месина и во Бари, најавен е и специјален настап во живо, на стадионот „Алијанц“ во Торино. На тој начин, тој ќе стане првиот пејач што настапил во домот на фудбалскиот клуб „Јувентус“. (фото:архива-Инстаграм)