Предлозите што стигнале до Бирото за развој на образованието „се однесувале, генерално, на зголемен број часови на секој од предметите и дополнување на дополнителни предмети“. Доколку би се зеле предвид тие предлози, учениците би останувале на училиште и по 11 часа. За предлозите и за барањата што стигнуваат во врска со концепцијата за реформи во гимназиското образование, се дискутира. Јавната расправа сè уште трае, иако онлајн расправата е затворена. Планирани се и дополнителни посети и средби, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Наставните програми ќе се менуваат од септември и учениците од септември, рече таа, „ќе имаат нови учебници за средно гимназиско“.
– За концепцијата ќе имаме приближно една година време за да ја стокмиме така како што треба да изгледа и за да биде соодветна на програмите од Европската Унија за нашите гимназијалци, кои ќе го продолжат школувањето овде, дел од нив и во странство, да се подготвени на соодветно ниво за понатамошното образование – рече Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на клубот „Иноваториум“ во „Титан УСЈЕ“.
Предлозите што стигнале до Бирото за развој на образованието „се однесувале, генерално, на зголемен број часови на секој од предметите и дополнување на дополнителни предмети“. Доколку би се зеле предвид тие предлози, учениците би останувале на училиште и по 11 часа.
– Кога го направи Бирото распоредот на часови, според барањата на стручната јавност, здруженијата на наставниците, излезе дека учениците секоја година, од прва до четврта, треба да бидат на училиште најмалку 10-11 часа. За да нема забуна – 10-11 часа во работен ден. Не е можно тоа и жал ми е што нема да можеме да го остваруваме токму така како што поединечно замислуваат. Сето тоа ќе треба да се анализира, комбинира. Да, нашите деца да бидат подолго на училиште, тоа што го предлага Владата како проект, но тие не може да бидат 11 часа во денот на часови – истакна министерката, додавајќи дека, покрај наставни часови, тие треба да имаат и воннаставни активности.
Јаневска соопшти дека во моментов, во 141 училиште во државава е воведена едносменска настава – процес што тече паралелно со проектот за оптимизација на училишната мрежа, односно малиот број ученици, кои се изолирани во подрачните училишта, да бидат преместени во централните училишта. За таа цел се прават планови за доградба на училниците или, во некои општини како Аеродром, Кисела Вода и Чаир, изградба на нови училишни објекти.