Ќе останат ли пензионерите, учениците и студентите без бесплатен превоз?

240

За можноста да се укине бесплатниот превоз за пензионерите денеска остро реагираа од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Тие веруваат дека надлежните органи нема да дозволат да се случи тоа, бидејќи ова право придонесува за подобрување на материјалниот статус на пензионерите. Се спротивставија и од Партијата на пензионерите, од каде што ги повикаа најодговорните во Владата и Советот на Град Скопје детално да ги разгледаат и да ги решат сите отворени прашања и проблеми во овој сегмент и да донесат соодветни позитивни и практични решенија со кои ќе се продолжи со досегашната добра практика за добро на сите пензионери, но, секако, и за учениците и за студентите во главниот град. За тоа дали ќе се укине бесплатниот превоз за пензионерите, за учениците и за студентите наредната година, не одговорија ниту од Град Скопје ниту од ЈСП  

 

Пензионерите се загрижени и вознемирени и прашуваат зошто не може да ги продолжат билетите за бесплатно возење за наредната година. Сè почести се шпекулациите дека причината за тоа е дека, најверојатно, ќе биде укинат бесплатниот превоз, и тоа не само за пензионерите туку и за учениците и за студентите.

Официјално објаснување за причините поради кои не им се продолжуваат билетите за возење на пензионерите за наредната година не добивме ниту од Град Скопје ниту од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП).

Африм Муча од Независниот синдикат на возачи при ЈСП потврди дека не им се продолжуваат билетите на пензионерите, но не знаеше да каже поради што се прави тоа.

За можноста да се укине бесплатниот превоз за пензионерите денеска остро реагираа од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, во името на повеќе од 100 илјади пензионери, кои живеат во Скопје и во другите градови, како нивно стекнато право.

– Веруваме дека надлежните органи нема да дозволат да се случи тоа, бидејќи ова право придонесува за подобрување на материјалниот статус на пензионерите – потенцираа од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

На ваквите најави, иако неофицијални, се спротивставија и од Партијата на пензионерите.

– Во овие предизвикувачки времиња за пензионерскиот стандард, правото на користење на јавниот градски превоз во Скопје е една од најдобрите одлуки за унапредување на повеќе сегменти во не така светлото пензионерско секојдневие во главниот град – нагласија од Партијата на пензионерите.

Тие отворено ги повикаа најодговорните во Владата и Советот на Град Скопје детално да ги разгледаат и да ги решат сите отворени прашања и проблеми во овој сегмент и да донесат соодветни позитивни и практични решенија со кои ќе се продолжи со досегашната добра практика за добро на сите пензионери, но, секако, и за учениците и студентите во главниот град.

– Грижата за многубројната млада и највозрасна популација во Скопје не е само најдобра долгорочна политичка инвестиција на сите политички субјекти во нашата земја туку претставува и нивна базична обврска за која се изјаснија во своите политички платформи и предизборни ветувања – реагираа од Партијата на пензионерите.

Можноста да се укине бесплатниот превоз не само за пензионерите туку и за учениците и за студентите, на примопредавањето на шесте автобуси на метан од ЕУ, го најави и скопската градоначалничка, Данела Арсовска. На прашањето од новинарите дали состојбата во јавниот градски превоз и во ЈСП значи дека ќе се укине бесплатниот превоз за пензионерите, градоначалничката тогаш рече дека тоа е одлука што ќе мора да ја донесат советниците и Советот на Град Скопје, затоа што тоа, како што рече, зависи првенствено од субвенциите од буџетот кон ЈСП, кои во континуитет, деценија наназад, пристигнуваат од Владата како субвенции за студентскиот стандард, а кои не се исплаќаат во последните четири години.

– Мислам дека пред советниците во Советот на Град Скопје од нивна страна ќе биде иницирано дали воопшто кој било ќе има бесплатен јавен превоз, поради долгот што го има централната власт кон ЈСП – изјави тогаш Арсовска.

Таа потенцираше дека веќе четврта година Град Скопје има проблем со тоа централната власт да го исплати долгот кој го има кон ЈСП, кој, како што наведе, е веќе осум милиони евра, а од почетокот на следната година ќе бидат 10 милиони евра долг.

Инаку, пензионерите користат бесплатен превоз четири дена во неделата: во вторник, петок, сабота и во недела, а дополнително бесплатен превоз, субвенциониран од централниот буџет, користат и учениците и студентите на државните универзитети.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ