Ќе може да се поминува само по средината на мостот кај Башино Село

25

За два до три дена, мостот на Вардар кај Башино Село на влезот од Велес, најверојатно, повторно ќе биде пуштен за сообраќај, и тоа само на средината, со поставување граничници, каде што се наоѓаат средните столбови, кои се неоштетени.

– Сообраќајот од едната и од другата страна на мостот ќе се регулира со семафори, а брзината за движење на возилата ќе биде ограничена на 30 километри на час. Ваквото привремено решение е со цел да се растовари сообраќајот во градот, додека се реконструира мостот, а во очекување на изборот на фирмата од страна на Јавното претпријатие  за државни патишта, која ќе работи на објектот – информира градоначалникот Марко Колев.

Тој појасни дека во наредните два-три дена за тоа треба да одлучат стручните лица од Градежниот факултет во Скопје, заедно со претставниците на ЈПДП и по испитувањата на мостот, кои ќе се извршат со специјално возило, ќе се види поединечно состојбата на секој од педесетте столба на мостот.

Колев додаде дека ќе биде поставена на мостот и специјална мониторинг-опрема набавена од Словенија, со која ќе се врши 24-часовен мониторинг на мостот, односно на возилата што сообраќаат по него. Воедно, појасни дека со ваквото привремено решение за сообраќај по средината на мостот нема да се попречат градежните работи што ќе се одвиваат главно под мостот, на зајакнување на главните и на страничните столбови.

Градоначалникот Колев информира дека санацијата на мостот кај Башино Село ќе чини 320 илјади евра.

– Од досегашниот мониторинг на мостот, имаме добри резултати. Ќе направиме сè, и ние од Општината и стручњаците од Градежниот факултет и од ЈПДП, повторно времено да се оспособи сообраќајот на мостот и паралелно да се одвива реконструкцијата на мостот, затоа што работата на столбовите не влијае дали ќе има сообраќај горе. Правиме сè макар и за еден процент да им го олесниме животот на граѓаните – потенцира Колев.

Покрај ова времено решение за санација на мостот, Владата работи на трајно решение, а тоа е изградба на нов мост на Вардар, на педесетина метри од постојниот во Речани, за што веќе била одбрана и фирмата проектант. Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Велес на 4 јануари годинава, кога беше затворен мостот за сообраќај, им вети на велешани дека по завршувањето на сите процедури, со поддршка од Владата, кон средината на годинава ќе почне изградбата на новиот мост на Вардар, на влезот во Велес. 

 

ИЗДВОЕНИ