Ќе имаме ли слободна трговска размена со САД?

1899
EPA-EFE/KENT NISHIMURA
ПРЕМИЕРОТ СО ОПТИМИСТИЧКА НАЈАВА ЗА ПРОБЛЕМОТ СО ЗГОЛЕМЕНИТЕ ЦАРИНИ ОД САД

 

Убава вест за македонските граѓани и македонската економија врзано за проблемот со зголемените царини од САД на 33 отсто вчера најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарско прашање за време на престојот во Тетово заради увидот во изградбата на новиот дел од булеварот „Видое Смилевски- Бато“ тој рече дека веста требало да пристигне уште во текот на вчерашниот ден.

-Работиме на таа тема и многу скоро очекувам убава вест за македонските компании и македонската економија со нашиот стратешки партнер САД. Во постојана комуникација сме со Министерството за економија и финасии на чие чело е Хауард Лутник, мојот личен пријател, со Стејт департментот и со кабинетот на претседателот Доналд Трамп. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имаше кратка средба во Брисел со дражавниот секретар на САД, Марко Рубио на која една од темите беше и оваа. На дневна основа телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро уште во текот на денот убава вест за македонските граѓани и македонската економија, изјави Мицкоски.

Премиерот денеска не кажа директно дали „убавата вест“ треба да се врзе за потпишувањето на договор за слободна трговија со САД, а со кој Македонија би имала слободна трговија со ова светска економска сила. Односно, трговската размена меѓу двете земји би се одвивала без царини. Мицкоски неодамна спомна дека во контактите што ги имаат со САД се разговара токму околу таквата спогодба. Повеќе земји во светот во овој период се уште бараат начини како да одговорат на царините кој ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.

Кога беа воведени царините Мицкоски рече дека стапката од 33 отсто што ни ги воведе САД била очекувана, но ниту една земја во Европа вклучувајќи ја и Македонија не биле подготвени за такво нешто. Затоа, како што рече, треба да се бара решение.

-Уште во јануари со тогашниот заменик на помошникот државен секретар, Александар Касаноф разговаравме за потпишување на билатерален договор во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји во делот на економијата и трговијата. Уште тогаш почнавме знаејќи дека ќе следат вакви процеси. Мислам дека тоа беше вистинскиот пат кој почнавме да го чекориме. Потоа како дел од целиот овој процес од наша страна се предложи да потпишеме договор за слободна трговија со САД и да нема царини. Дадов налог нашите надлежни институции да видат дали можеме да потпишеме ваков договор согласно важечките договори и истото му го предложив на државниот секретар за трговија на САД, Хауард Лутник. Разговор на оваа тема со него во Брисел имаше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и со уште еден висок претставник на Белата куќа одговорен за Балканот. Од сите страни ова е поздравено како одлична идеја, рече Мицкоски.

Потпишувањето на ваков договор според премиерот Мицкоски би било исклучителен чекор напред со кој би се потврдило и запечатило стратешкото партнерство и би се елиминирале царините.

Нашите институции веќе почнаа да анализираат дали можеме да го реализираме овој договор во согласност со важечките трговски спогодби.

Во 2024 година според податоците на нашиот Државен завод за статистика во САД имаме извезено стока во вредност од околу 110 милиони евра, а увезено 180 милиони евра и имамем дефицит во размената. Оваа година во јануари имаме суфицит, односно извозот изнесува 21 милион евра, а увозот 12 милиони евра. Најмногу извезуваме автобуси кои ги произведува странскиот инвеститор во Скопје. Тие иако по потекло се од тука земјата која ги продава е Белгија, бидејќи таму е седиштето на компанијата.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ