– Работа, работа и само работа! Тоа е најдобрата и најуспешна стратегија и сите што ме познаваат знаат дека работам многу, но и барам од другите да работат многу и да ме следат во чекор. Со тимот во ЈПДП составен од инженери и од други стручни лица во своите области, ќе го забрзаме темпото и на изградба и на решавање на сите институционални проблеми и пречки на терен што ќе се исправат пред нас. Очекуваме тоа да биде година во која багерите нема да стојат, асфалтните бази нема да одмораат, а изведувачите и надзорите ќе ја следат нашата динамика, вели директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски

Познат како успешен градоначалник на Скопје од 2009 до 2017 година и со богато портфолио, Коце Трајановски реши повторно да се врати во политиката и да застане на чело на едно од клучните државни претпријатија. За својата одговорна функција во ЈП за државни патишта, која изискува многу, тој во интервју за весникот ВЕЧЕР зборува за состојбата што ја затекол таму, за новините што се воведени на терен за продолжување на градежната сезона, за предизвиците на патните делници каде што се работи, за стратегијата по која ќе работи во 2025 година

*Г. Трајановски, по парламентарните избори, застанавте на чело на едно од најголемите и најзначајни државни јавни претпријатија задолжено за патната инфраструктура. Иако сме в еќе длабоко во зима. Сепак градежната сезона продолжува на патиштата во земјава. Со какви предизвици се соочи новата администрација во ЈП за државни патишта и каква е Вашата оцена за нејзината успешност?

– Предизвиците беа големи! Како директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кога стапив на функција, затеков исклучително лоша финансиска состојба. На сметката имаше околу 93 милиони денари, а долговите беа околу милијарда и педесет, повеќе од десет пати поголеми од што е состојбата на сметката. За среќа, со напорна работа, успеавме многу брзо да ја санираме состојбата.

Да појаснам. Затеков состојба во која, на пример, од февруари 2023 година не биле плаќани фактурите на многу институции. Меѓу нив беше и „Македонија пат“, на која ѝ беше платено само за исплата на платите, а не е и за другите тековни активности што треба да ги извршува. Состојбата, ако кажам дека беше лоша, би било благ збор, наследивме катастрофална состојба, каде што проектите воопшто не се менаџирале и за обични административни работи биле заглавувани проекти по година, две, три. Ќе дадам само еден пример, експресниот пат Градско – Прилеп, кој треба да го забрза движењето на целиот централен регион на Македонија, беше заглавен година и пол.

*Честопати на јавните настапи посочувате на слабостите што сте ги забележале како прв човек на ЈПДП, но истовремено ги забрзавте работите на патиштата и внесовте нов импулс во решавањето на долгогодишните заостанати проблеми, привршувате и со експропријацијата. Дали може да се каже дека Македонија се наоѓа во еден голем инвестициски циклус?

– Да, може да се каже дека се наоѓаме во еден инвестициски циклус во кој работите почнаа да се движат во поволна насока, односно циклус во кој работите од фаза на застој преминаа во фаза на раздвижување, за сега веќе да немаме застој во изградбата на патиштата дури и во зима. Имено, за прв пат во Македонија овозможивме да се гради и во зимски период, односно градежните компании набавија адитив што овозможува да се асфалтира и на пониски температури. На овој начин се продолжува и градежната сезона. Ако таа досега беше од 6 до 8 месеци, сега ќе имаме асфалтирање во период од 8 до 10 месеци во годината. Сето ова ни овозможи забрзување на проектите и зимските услови во наредниве месеци не се пречка да продолжиме со асфалтирањето. Досега зависевме од временските услови, кои, на ниски температури, налагаа да се прекине со асфалтирањето. Оваа зима, како што сте сведоци и самите, продолживме со асфалтирањето и во овој период, и тоа на делницата Страцин кон Длабочица која деновиве беше пуштена за сообраќај, бидејќи изведувачот набави специјални адитиви за асфалтирање на ниски температури, како и на автопатот Кичево – Охрид, каде што има три изведувачи, едниот е „Гранит“, другиот е „Илинден – Струга“, а третиот е самиот „Синохидро“, со што ќе овозможиме автопатот Кичево – Охрид да го пуштиме во употреба пред летната сезона в година, ако не во двата правца, тогаш едниот правец да биде целосно асфалтиран и пуштен во сообраќај.

Исто така, за прв пат почнавме и со ноќно асфалтирање и работење на терен и сето ова се предиспозиции за максимално искористување на можностите и за максимално искористување на времето за работа на изградба на патиштата, и ова не е ништо ново во светот. Ново е само кај нас бидејќи на овој начин се работи во западноевропските земји, пред сѐ во Германија, Норвешка, Шведска, каде што ваквите адитиви масовно се употребуваат.

*Граѓаните најмногу ги интересира изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Десет години поминаа, а еден километар не е пуштен за сообраќај. Јавноста веќе е изморена од ветувањата за изградба на овој автопат. Ми се чини и дека изведувачот имаше иницирано арбитражна постапка против државата. Кога може да очекуваме да возиме по овој автопат?

– Токму така, во право сте кога велите дека јавноста е веќе изморена од очекувањата да почне да вози по автопатот во изградба, но ние немаме волшебно стапче за да можеме веднаш и сега да ги расплеткаме работите што се плеткани подолго време. Можам да потврдам дека во моментот активно се работи покрај целата автопатска делница. Јавното претпријатие за државни патишта планира пред почетокот на летото да ја пушти во употреба делницата што е на потегот од Врбјани до Песочани, во должина од 11,5 километри. Активно се работи на асфалтирањето и десната коловозна лента е завршена. Доколку се поволни временските услови, ќе се продолжи со асфалтирањето и на делницата од Климештани до Мешеишта. Се асфалтира и делот од Требеништа до Охрид, каде што левата коловозна лента со должина од 10.2 километри е завршена и се прават напори да се пушти во употреба пред почетокот на летото, како и напори да се пушти во употреба пред летото левата коловозна лента, во должина од 7,5 километри, од Песочани до Требеништа, без делот во Ботун.

Работиме на надминување на проблемот со новопојавените свлечишта, кои се пет на број во Ботун, каде што се вршат дополнителни геотехнички работи и со предлог технички решенија од кои ќе произлезе и подготовката на основниот проект. Инаку, вкупно се 14 проблематични косини.

Исто така, се работи и на асфалтирање, уредување и на работи поврзани со осветлувањето на клучките. Активно се работи на надминување на проблемот со експропријацијата за паралелно пристапните патишта, дислокација на далекувод на МЕПСО. По изработката на основните проекти за стабилизација и примена на дополнителни мерки за заштита на косините, ќе се направи финансиска анализа дали се потребни дополнителни средства.

*Ги забрзавте постапките за експропријација на две траси за изградба на автопатиштата од проектот што го реализира „Бехтел и Енка“, по што веќе на терен има реални активности. Кои се Вашите очекувања од реализацијата на изменетиот динамички план?

– Правиме огромни напори, како ЈПДП, и институциите на РМ да се даде што поголем терен за работа на изведувачот „Бехтел и Енка“ на трасите на коридорот 8 и на коридорот 10-д и изведбата да биде во рамките на роковите предвидени со договорот. Постапките за експропријација се забрзани на сите три траси. Резултатите од досегашната работа се видливи на терен, со што на делницата Тетово – Гостивар е започнато да се работи на приближно 3 километри, на делницата Гостивар – Букојчани имаме активности на приближно 6 километри и на делницата Прилеп – Битола се работи на 6 километри.

За почетокот на 2025, очекуваме да се заврши со изградбата на камповите на изведувачот и во однос на експроприраниот терен на сите локации каде што има урбанистички план, очекуваме значително да се зголемат активностите на терен.

За 2025 година, во план е да се работи комплетно на целата траса Тетово – Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар – Букојчани се планирани активности на приближно 17 километри и на Прилеп – Битола се планирани активности на приближно 25 километри.

И во однос на експропријацијата наследивме забавен, па дури и закочен проект во одредени сегменти. Наша обврска е да ја забрзаме работата, бидејќи, во спротивно, согласно со договорот со „Бехтел и Енка“, плаќаме големи месечни суми за неработење. Главен проблем е експропријацијата, која според договорот од 8.3.2023 година требаше да биде завршена пред да дојдам за директор. За 12 месеци имаше експроприрано 1.117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор, за два и пол месеци експроприравме 2.432 парцели. Во моментов, од вкупно 4.031 парцела за експропријација, завршени се 3.241, а 791 се во постапка.

Притоа сакам да му се заблагодарам на Министерството за транспорт за огромната поддршка и за заемното решавање на проблемите. Покрај тоа, ова е плод на интензивна соработка и со Бирото за проценка, Државното правобранителство, Управата за имотноправни работи, Агенцијата за катастар, Министерството за земјоделство, ЈП „Македонски шуми“. Наскоро ќе биде целосно решена експропријацијата и со тоа на „Бехтел и Енка“ ѝ се отвора можноста понатаму непречено да работи. Паралелно со ова, интензивно работиме на проектирање и на расчистување на теренот.

*Во Македонија се градат автопатишта со брзини од 80, 100 и максимум 120 километри на час, додека во нашето опкружување, да не речам во Европа, брзините се поголеми (Србија 130, Бугарија 140, Италија 150 километри на час или има автопатски делници во Германија без лимит). Што е причината, според Вас, за тоа?

– Нашата држава е претежно планинска земја и, меѓу другото, и теренот ја диктира дозволената брзина. Сепак, ние, како Јавно претпријатие за државни патишта, градиме автопати според конфигурацијата на теренот, а потоа според одредени параметри се одредува брзината на сообраќај. Тоа е веќе во надлежност на Министерството за транспорт и постои и правилник со кој се пропишуваат техничките елементи за изградба и реконструкција на јавните патишта и на објектите на патот, а проектната брзина се проценува со анализа на одделните елементи на патот. Односно, според категоријата на патот како основен појдовен податок, општественото и стопанското значење, видот и големината на сообраќајот, нивната положба во просторот (надвор, низ и внатре во населените места) се утврдуваат основните технички елементи што треба да ги исполнуваат патот и брзината на движење.

*ЈП за државни патишта е златна кокошка меѓу државните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост. Според податоците на Министерството за финансии, Државните патишта лани инкасирале над 200 милиони евра, расходите се 100 милиони евра, а добивката – 100 милиони евра. Голем процент од приходите ги остварувате од наплата на патарината. Какви се Вашите очекувања за оваа година во поглед на приходите?

– Јавното претпријатие за државни патишта е претпријатие што остварува приходи по повеќе основи, и со тоа учествува во вкупниот остварен приход на капитални инвестиции во државата. Па така, минатата година од сопствените извори на приходи како што се акцизата, патната такса што се плаќа при регистрација на возилата, патарините и други приходи, беа реализирани околу 176 милиони евра. И за годинава очекуваме да оствариме приближно 200 милиони евра. Тоа се средства што потоа се инвестираат во поправка, рехабилитација и изградба на патиштата и затоа секоја година се подготвува годишна програма на ЈПДП во која точно се наведуваат сите планови и проекти за тековната година. Исто така, се врши и отплата на каматите и ратите од земените кредити, па така за оваа намена в година ќе се издвојат околу 120 милиони евра. Се планира за ЈП за заштита и одржување на магистралните и на регионалните патишта („Македонија пат“) да се издвојат околу 30 милиони евра, за експропријација околу 20 милиони евра итн., што говори дека многу малку од вкупната сума, всушност, останува за изградба на патишта.

*Со влегувањето на Бугарија во шенген зоната, можно е да ни „украдат“ голем број од возилата од север што транзитираа низ Македонија, на патот кон Грција и кон Турција. Како ќе се одрази тоа врз приходите од патарините што ги собира ЈПДП?

– Во однос на ова прашање, сакам да потенцирам дека веќе е воведена интероперабилност за плаќање патарина помеѓу Србија и Македонија, односно корисниците на автопатот можат да плаќаат патарина со микробранови транспондери, таканаречени тагови и во двете држави. Со ова е овозможено да не се застанува и да не се чека во редови на патарините, односно е овозможено брзо поминување и плаќање на патарината.

Во меѓувреме, Јавното претпријатие за државни патишта работи на можноста и домашните корисници на М-таг уредот (тагот) да се поврзат со банкарската сметка на корисникот, со што автоматски ќе се минусира сумата за наплата од банкарската сметка и ќе нема потреба од надополнување на износот на уредот како што е во моментов. Планираме и да ја прошириме мрежата за продажба на картичките „М-смарт“ за поголема достапност до возачите.

Исто така, интерес за приклучување кон иницијативата за таканаречениот еден таг што ќе овозможи, по истиот принцип како со Србија, да се поминува со еден таг на патарините, пројавија и други земји од регионот за што активно се разговара и работи на нивно приклучување во рамките на оваа иницијатива.

*Која е Вашата стратегија за поуспешна работа во оваа 2025 година?

– Работа, работа и само работа! Тоа е најдобрата и најуспешна стратегија и сите што ме познаваат знаат дека работам многу, но и барам од другите да работат многу и да ме следат во чекор. Со тимот во ЈПДП составен од инженери и од други стручни лица во своите области, ќе го забрзаме темпото и на изградба и на решавање на сите институционални проблеми и пречки на терен што ќе се исправат пред нас. Во фаза на подготовка сме на годишната програма за работа на ЈПДП за оваа 2025 година, каде што точно ќе се наведат сите проекти што ќе ги работиме годинава. Очекуваме тоа да биде година во која багерите нема да стојат, асфалтните бази нема да одмораат, а изведувачите и надзорите ќе ја следат нашата динамика.

Светлана БЛАЖЕВСКА

ИЗДВОЕНИ