Ќе има ли епилог за трагедијата? Болест на судија по четврти пат го одложи повторното судење за тетовската болница

25

По четврти пат се одложи повторното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако такво решение донесе Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Како и на 5 ноември 2024 така и вчера се одложи рочиштето, поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување. Судијката, која го заменуваше, го закажа почетокот на судењето за 18 март 2025 година, во 10:00 часот.

Првиот обид за повторно судење беше на 26 јуни 2024 година, но се одложи за 25 септември, кога, исто така, не се одржа јавна расправа.

Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и за Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово, како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 година, Основниот суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото предизвикување општа опасност во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово, во 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и за Клиничката болница за делото непостапување по здравствени прописи.

Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите, секој за себе, во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилноста на пресудата.

 

ИЗДВОЕНИ