Синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии, заедно ќе креираат официјална потрошувачка кошница. На следната седница на Економско социјалниот совет ќе се формира тело што ќе ја дефинира официјалната потрошувачка кошница.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е неопходна измена во методологијата за пресметка на минималната синдикална кошничка.
-Јас во јануари, простете, цигари не пушам, не испив лименка нескафе од 250 грама, не изедов ниту една цреша, не знам како изгледаат праски и кајсија, ниту пак диња и лубеница, ниту пак грозје, така што ценам дека тука треба да има интервенции и треба да има нешто пообјективно за да можеме врз основа на тие објективни параметри да водиме политика, вака сега не можеме. Нелогично е да имате цигари во минимална кошничка. За да не бидеме тие кои не го натсинхронизираат она што е работено од Синдикатот, а оценувано од двајца поранешни министри на СДСМ – Никола Поповски и Драган Тевдоски, рековме ајде да вклучиме лица од сите области и сите заедно да ја формираме минималната потрошувачка кошничка. Цените да не бидат од еден од поекслузивните маркети, туку бидејќи е минимална, од тие кои се со пониски и поскромни цени, да избереме средина и така да ја пресметуваме кошничката. Може ќе биде поголема, но, можеби и помала, изјави Мицкоски
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, пак, смета дека е добро да има независно тело, кое ќе нуди различни пресметки и додаде дека ССМ и понатаму ќе продолжи да ја пресметува синдикалната кошница. Како што посочи, ќе се разговара дали ќе учествува ССМ во независното тело што ќе ја креира официјалната кошница.
Според Трендафилов, минималната синдикална кошница ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство и ССМ ѝ стои на располагање на државата ако има потреба, да ѝ пренесе дел од своите знаења во однос на пресметките. Трендафилов потсети дека Државниот завод за статистика опфаќа во кошничката околу 230 производи што се „далеку понереални“, како: ананас, јагоди, ореви, бадеми…, а ССМ се задржува на неопходните: сезонско овошје, газиран и густ сок, хамбургери за децата…
– ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка, која се покажа како единствен релевантен податок. Ако е грешката што се ставени во неа сезонско овошје, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано, денеска можеме да поделиме 25 грама цреши со семејството, една чаша „кока-кола“ и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не можете да купите ни четири буреци и четири јогурти, а не за појадок, ручек и за вечера. Сепак, стоиме на располагање за да пренесеме дел од нашите знаења ако смета државата или Државниот завод за статистика дека треба да направи некакво унапредување. Но, ќе потсетам, и денеска Статистика пресметува близу 230 производи во нивната кошница, кои се далеку понереални: ананас, јагоди, ореви, бадеми… Она што го прави ССМ од 2010 година било и ќе биде критикувано од сите влади, но ако преминат разговорите од фаза на дискусија и идеи во фаза дека ќе ни докажуваат дека можеме да преживееме со многу помалку, можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница, која ќе биде над 2.000 евра и која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби. Само нема да им се допадне тоа ни на Владата ни на работодавците – изјави Трендафилов.
ССМ, како и сите синдикати во регионот и во Европа, пресметува вакви кошнички за да покаже каде треба да се движат владините и политиките на работодавачите за зголемување на платите.