Ќе ги скроти ли Стевчо Јакимовски инвеститорите?

44

При одобрување на идејниот проект, службеникот што го работи предметот задолжително мора да излезе на терен, да види каде ќе се гради тој објект, да направи фотографии од сите четири страни и проценка на влијанието на градбата врз околните куќи. Воедно, идејниот проект, фасадата, како и квалитетот на материјалите што мора да бидат наведени во него, изгледот на објектот, ќе бидат одобрени од посебна општинска комисија составена од архитекти и од градежни инженери, ова се дел од новите построги правила со кои градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, сака да го скроти, како што вели, неверојатниот глад за остварување што е можно поголем профит на инвеститорите и да ги вразуми сопствениците и изведувачите. Меѓу мерките се и дека гаражите мора да бидат еден метар над земја, во недела и на државен празник најстрого се забрануваат градежни работи, додека во саботите градежните активности не смеат да почнат пред 8:00 часот и мора да завршат до 16:00 часот. Одредбите од овој Правилник се однесуваат на индивидуалните објекти што масовно се претвораат во објекти колективно домување

 

Општина Карпош излезе со нови сет построги мерки во новиот Правилник за подобрување на функционалноста на објектите што се градат, поголема заштита на сопствениците на земјиштето, поголема безбедност на објектите и на граѓаните што живеат околу објектот што се гради, како и обезбедување на поквалитетна градба, ставање поквалитетни материјали, поубав изглед на новите објекти и поголема гаранција на квалитетот, која мора да им ја дадат изведувачите на идните станари.

Меѓу мерките се: со издавање извод од урбанистичкиот план, Секторот за урбанизам на Општина Карпош е должен да му достави на барателот и правила и услови за проектирање и за градба, кои проектантот и изведувачот на објектот се должни да ги почитуваат, во спротивно нема да добијат одобрение за градба. Исто така, при одобрување на идејниот проект, службеникот што го работи предметот задолжително мора да излезе на терен, да види каде ќе се гради тој објект, да направи фотографии од сите четири страни и проценка на влијанието на градбата врз околните куќи. Воедно, идејниот проект, фасадата, како и квалитетот на материјалите што мора да бидат наведени во него, изгледот на објектот, ќе бидат одобрени од посебна општинска комисија составена од архитекти и од градежни инженери.

Според новите правила, еркерот може да биде до 40 проценти станбен простор, 30 % еркерни тераси и 30 проценти празна фасада без еркер.

– Инвеститорoт, пред добивање со идејниот проект, мора да ни достави и договор меѓу инвеститорот и сопственикот на земјиштето и задолжително тој да биде заверен од двајца адвокати. Купувачите на станови, исто така, задолжително на договорот мора да имаат доказ дека при потпишувањето на купопродажниот договор користеле адвокат, кој ги штител нивните интереси. Инвеститорот мора да го наведе во купопродажниот договор и гаражното место, кое му следува на купувачот со станот. Во договорот мора категорично да биде наведена посебна цена за станот и посебна цена за гаражното место – истакна градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Меѓу новите мерки се и дека инвеститорот и изведувачот мора, во купопродажниот договор, да му дадат на купувачот тригодишна гаранција за покривот, за вентилациските системи и за водонепропустливост на бањите, како и прописно дихтување за впивање и функционирање на прозорците и на надворешните врати, инвеститорот мора да наведе кој ќе ја врши изведбата на објектот, а изведувачот мора да достави изјава дека е запознаен со сите правила што ги пропишала Општина Карпош.

Потоа, при уписот во катастар, мора да се достават до Општината купопродажните договори меѓу инвеститорот и купувачите на станови, задолжително ќе се проверуваат и доказите дека е купено гаражно место, уписот во катастар ќе ја врши тричлена комисија, која ќе оди на самото место да ја изврши проверката на објектот што е изграден и на неа ќе присуствува и градоначалникот. Должен е за секоја плоча, почнувајќи од темелната до последната, да го известува градежниот инспектор кога ќе биде завршена таа со армирачките работи. Исто така, градежната јама за паркинг- местата не смее да биде подлабока од два метра и приземјето мора да почнува од кота 100 сантиметри.

– Тоа значи, гаражите мора да бидат еден метар над земја заради поблага рампа за спуштање и помала манипулација при влезот на возилата во гаражниот простор – објаснува Јакимовски.

Воедно, гаражите не смеат да бидат повисоки од 2.3 метри од плоча до плоча.

– Доколку градежната јама оди од крај до крај на плацот и доколку комшиските куќи се поставени поблиску од 3,5 метри до оградата на објектот што се изведува, инвеститорот и изведувачот се должни да им издадат на сопствениците банкарска гаранција во износ од 15.000 евра дека нема да го оштетат нивниот имот, нема да ја загрозат безбедноста на семејствата што живеат во соседните објекти и дека секое оштетување што ќе се направи, соседите ќе имаат ефикасно средство за наплата, без да ги молат изведувачите и инвеститорите. За активирање на оваа банкарска гаранција, ќе се склучи посебен договор меѓу изведувачот и имателите на соседните објекти – објави Јакимовски.

Тој додаде дека банкарска гаранција од 15.000 евра ќе ѝ се издаде и на локалната самоуправа, како гаранција дека нема да се оштети општинската инфраструктура (тротоари, рабници, коловоз, подземни инсталации) и ќе се потпише посебен договор за ова. Притоа, најстрого се забранува користење на тротоарите и на коловозите за фрлање градежен материјал. Особено за извршување на армирачки работи на тротоарите и на коловозот.

– Целокупната арматура што се става на плочите, столбовите и цирклажите, мора да биде подготвена во армирачки погон и да биде монтирана во еден ден. Тоа значи, донесување на материјалот, истовар и монтажа во еден ден, за што се должни да обезбедат посебно одобрение од сообраќајната полиција дека на тој ден, на дел од улицата, ќе извршат истовар на материјал, кој ќе биде отстранет од тротоарот и од коловозот до 20:00 часот – вели Јакимовски.

Тој истакна дека ќе се врши бетонирање со миксери за бетон и употреба на пумпи за бетон исклучиво со одобрен елаборат за затворање на тој дел од улицата од страна на сообраќајната полиција, а во недела и на државен празник најстрого се забрануваат градежни работи. Додека во саботите, градежните активности не смеат да почнат пред 8:00 часот и мора да завршат до 16:00 часот.

– Непочитувањето на одредбите од овој Правилник ќе повлече неодобрување на градежните дозволи, а непочитувањето на одредбите од истите, при изведба на објектот, ќе резултира со затворање на градилиштата. Неодговорното изведување при изградба на објектите ќе резултира со забрана за издавање одобрение за градба на инвеститорите и изведувачите што не ги почитувале правилата – дециден е Јакимовски.

Тој нагласи дека одредбите од овој Правилник се однесуваат на индивидуалните објекти кои масовно се претвораат во објекти за колективно домување и за кои, при изведбата, има огромни поплаки од граѓаните, затоа што, како што вели, сè им е подредено на изведувачите на објектите, а безбедноста, мирот, спокојноста и сигурноста на соседите се целосно маргинализирани.

Јакимовски наведе дека носењето на овој сет мерки е поттикнато од, како што потенцираше, неверојатниот глад за остварување што е можно поголем профит на инвеститорите и за добивање што е можно поголема квадратура и непредвидено богатство за сопствениците на земјиштето.

Претходно, исто така, во новиот Правилник беа донесени повеќе нови правила.

 (А. П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ