Ќе фрли ли око Трамп на Македонија?!   

809

Под засилени безбедносни мерки, Вашингтон е подготвен за инаугурацијата на Доналд Трамп за неговиот втор мандат за претседател на САД. Идниот понеделник, на 20 јануари, шефови на држави и влади, меѓу кои и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, како и илјадници луѓе, ќе бидат во Вашингтон на инаугурацијата на новоизбраниот претседател. Дел од познавачите сметаат дека присуството на Мицкоски на инаугурацијата на Трамп е значаен настан и еден убав гест во однос на Македонија и средбите кои се најавуваат отвораат сериозни можности за земјава, иако Балканот не е во приоритетот на американските политики. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека нашите политичари имаат добри врски со новата американска власт и можеме да се надеваме дека ќе има и одредени поместувања во американските политики кон Македонија.

-Присуството на Мицкоски на инаугурацијата на Трамп е значаен настан и еден убав гест во однос на Македонија. Самата инаугурација значи и многу промени во светот кои новиот претседател веќе ги најави на еден или на друг начин. Клучно за Европа, а со тоа и за Македонија, е што поскоро да заврши војната во Украина. Има најави за тоа, очигледно веќе се најавува средба меѓу Путин и Трамп и тоа навестува дека една европска катастрофа, од невидени размери, може наскоро да го види својот крај. Тоа воопшто нема да биде лесно, но сè додека не се прават обиди ништо нема да се постигне. Самото присуство на Мицкоски на еден ваков голем настан, и средбите кои се најавуваат, отвораат сериозни можности за нашата земја. Очигледно е дека нашите политичари имаат добри врски со новата американска власт, и можеме да се надеваме дека ќе има и одредени поместувања во американските политики кон Македонија. Сè што досега ни се случуваше по распадот на Југославија, објективно беше во режија на Вашингтон. Нашите интересите  и нивните многу не се поклопуваа, и тешко дека ќе дојде до некои сериозни промени по истите, ама е очигледна нашата сегашна активна политика и борба за македонските интереси што отвора надеж. Тие решенија во САД не ги носи претседателот, бидејќи Балканот не е во приоритетот на нивните политики ама шансите да дојде до одредени поместувања се сега објективни. Да се надеваме дека мисијата на Мицкоски во Вашингтон ќе биде позитивна и ќе донесе поширока корист за Македонија, вклучувајќи и нови инвестиции, вели амбасадорот Никовски.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, пак, смета дека американската надворешна политика е единствена и иако секоја билатерална средба е добредојдена, таа е во рамките на протоколарноста

-САД се голема сила и Балканот го гледаат како целосен регион. Секоја промена на политиката визави Балканот ќе биде уносона надворешна политика од американската надворешна дипломатија. Секоја билатерална средба е добредојдена, но таа е во рамките на протоколарноста, вели Атанасоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Од Владата минатата недела потврдија дека премиерот Мицкоски на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Мицкоски во понеделник ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл. Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.

Премиерот Мицкоски најави дека очекува да го привлече вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинаква оптика. И тој посочи дека Вашингтон го гледа Балканот како регион, а не нас како единка и токму како регион треба прво да го привлечеме вниманието.

Министерот за транспорт Александар Николоски рече дека тоа што премиерот Мицкоски доби покана да присуствува на инаугурацијата на Трамп е огромна и ретка работа, и веројатно од регионот е единствениот што ќе присуствува.

Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави. На инаугурацијата во Капитол се најавува присуство на бројни претседатели и премиери, но и први луѓе на светските организации. Првиот претседателски мандат на Трамп беше од 20 јануари 2017 до 20 јануари 2021 година. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ