Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, имал итна средба со менаџментот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, на која бил разгледан проблемот со затнатата фекална канализација на улицата „Мирче Оровчанец“.
Неофицијално, на состанокот било посочено дека инвеститорот сам ќе ја санира штетата, а доколку има потреба, ќе добие поддршка од ЈП „Водовод и канализација“.
По претставка на граѓаните што живеат во близина на градилиштето, инспекцијата на Општина Центар, пред десетина дена, излезе на увид и изрече глоба за изведувачот за испуштање бетон од објект на јавна површина, со што настанало затнување на главната канализациска мрежа.
– На терен веднаш излегоа и службите на ЈП „Водовод и канализација“, по барање на Општина Центар, при што утврдија дека причина за блокираната канализација е неадекватно изведената градежна работа од страна на инвеститорот – информираат од локалната самоуправа.
Од Општина Центар нагласуваат дека ќе продолжат со активно следење на ситуацијата и во наредниот период ќе продолжи тесната соработка со надлежните институции за целосно решавање на проблемот и спречување какви било дополнителни последици за граѓаните.