Казна за лицето кое пред малолетни деца фрлило две мали кучиња во река

227

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека станува збор за лицето Б.В. Според нив, тоа е со веќе пријавен идентитет во полиција и е од Неготинско, а живее во Данска. Бараат да биде пример што не смее никогаш да се повтори и да помине неказнето

 

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара најстрога, кривична одговорност за лицето кое, од чиста забава, пред малолетни деца, безмилосно фрли две мали кучиња во река, прикажувајќи го целиот акт како забава, во живо на социјалните мрежи. Оттаму сметаат дека ова е сликовит пример на психолошка девијација и насилство врз животните.

–  Две мали кутриња претходно доаѓаат да се галат и мавтаат со опашот, а потоа, со умисла на возрасно лице, завршуваат во река, фрлени со сета сила, додека мали деца се радуваат, сметајќи ја случката за забавна и барајќи и тие да учествуваат и да го сторат истото – наведуваат од „Анима мунди“.

Оттаму велат дека станува збор за лицето Б.В., кое е со веќе пријавен идентитет во полиција и, според нив, е од Неготинско, а живее во Данска. Притоа, бараат да биде пример што не смее никогаш да се повтори и да помине неказнето.

– Негова голема среќа е што го направил делото овде, а не во Данска, каде што не би излегол со години од затвор и би добил трајна забрана за чување животно. Повторно потенцираме, насилството врз животните води кон општествена аномалија и неопходно е да се превенира, евидентира како такво, најстрого да се казни – децидни се од „Анима мунди“. 

Оттаму јавно се обратија до МВР и до министерот Панче Тошковски со барање за итни измени на Кривичниот закон и за засилување на казните, како и за внесување дополнителни прецизни одредби.

–  Наместо досегашните, бараме двегодишна затворска казна за предизвикување непотребна болка на животните или нивно изложување на непотребно страдање, убивање и суровост. Бараме задолжителна затворска казна за организација и учество на кучиња во борби, регистар за ваквите лица, како и трајна забрана за понатамошно чување куче. Бараме, по примерот на Република Хрватска, да се пропише кривична одговорност за напуштање миленик – соопштија од Здружението.

(А.П.)