„Кажи стоп за петарди и огномет“

27

Зоолошка градина, месец декември го посветува на зголемување на свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во овие денови на празнични прославувања. За таа цел организираат кампања „Кажи стоп за петарди и огномет“.

– Ајде заедно да кажеме „Стоп за петардите и огнометите“ кои освен тоа што се опасна „играчка“ за најмладите и може да дојде до страшни повреди, се погубни и за животинскиот свет – предупредуваат од Зоолошката градина.

Оттаму нагласуваат дела употребата на пиротехнички средства е опасна затоа што: милиони птици угинуваат од стрес, или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки за кои потоа нема кој да се грижи и умираат од глад и дехидрација, кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај срцев удар од страв.

При тоа додаваат дека исто така страда и дивиот свет.

– Бучавата и светлината ги вознемируваат до степен да може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат. Се создава загадување на воздухот преку испуштање на отровни хемикалии, но и загадување со бучава – нагласуваат од Зоолошката градина.

Освен за животните, од Зоолошката градина велат дека петардите и огнометите можат да бидат опасни и за луѓето.

– Децата може да се повредат и да останат со ампутирани делови од телото. Кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност. Силниот звук има огромно влијание кај дечиња со потешкии во развојот или пак со аутистичен спектар на нарушување, а празничниот период не треба да им носи трауми поради петардите. И животните во ЗОО Скопје доживуваат голем стрес – појаснуваат од Зоолошката и апелираат што повеќе луѓе да се вклучат во оваа кампања и оваа година рекордно да се намали употребата на пиротехника.

Се надеваат дека што повеќе училишта ќе се вклучат во заеднички активности, а како прва „задача“ за сите основци и средношколци предлагаат да бидат креативни и да направат цртежи на темата „Кажи стоп за петарди и огномет“.

На крајот од месецот, пред Нова Година во поросторот на градината ќе биде направена изложба со најдобрите цртежи.

– Сите креативни граѓани може да изработат и да ни испратат и едукативни илустрации на [email protected] , кои потоа како постери ќе се најдат низ секое маало – нагласуваат од Зоолошката градина.

ИЗДВОЕНИ