„Казанчи Холдинг“ од македонската држава нема да добие повластени можности што се надвор од законот

33

Турската холдинг групација „Казанџи“ сака да инвестира една милијарда евра во Македонија во изградба на когенеративни гасни централи во Македонија со 500 мегавати инсталиран капацитет и годишно производство на 4,1 терават часови електрична енергија и на околу 720 гигават часови топлинска енергија.

– Со раководството на водечката турска компанија во енергетскиот сектор се разговара за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стигне до домаќинствата по поволни услови. Приклучоците кон тие мрежи би требало да се бесплатни за граѓаните, а цената на природниот гас за домаќинства да е многу пониска од берзанските – соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Тој децидно изјави дека „Казанчи Холдинг“ од македонската држава нема да добие никакви повластени можности што е надвор од законот и дека она каде што државата ќе помогне во реализацијата на проектот е административниот дел.

– Нема никакви субвенции надвор од законските, нема гарантирани цени, нема гарантирани договори за откуп, нема повластени цени, нема повластени инвеститори…Сè се темели на пазарните услови и тоа е главната парадигма зошто влегуваме во овие процеси. Нема како принципот досега, односно како што беше во минатото, на одделни инвеститори да им се даваат енормни поволности, да бидат ослободувани од разноразни давачки кон државата. Ова е чисто инвестиција којашто ќе работи на пазарни правила и на пазарни услови. Ние како држава ќе помогнеме во административниот дел со се што треба, а е поврзано со државата согласно законот, ќе помогнеме да се забрза процесот – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека целта е да се изградат производни капацитети коишто ќе произведуваат и електрична и топлинска енергија, а топлинската енергија ќе може да се користи за затоплување на домаќинствата.

– Сите анализи велат дека најголемата причина зошто имаме загадување, за жал, е системот на затоплување на домовите односно користењето на дрва и други типови на фосилни горива или отпад со што се загадува животната средина. Не сакам ова да се сфати како критика, напротив луѓето немаат избор бидејќи ниту една влада претходно не им овозможила избор, тие мора да ги затоплат своите домови. Таквото снаоѓање резултира со голема емисија на ПМ-2,5 и ПМ 10 честички, со што имаме енормно високо ниво на загадување, не само во Скопје, туку и во градовите ширум државата. Ова е единствениот начин како можеме ние да го решиме на долг рок загадувањето, но истовремено и да им понудиме на домаќинствата алтернатива за затоплување на нивните домови – рече Мицкоски.

Најави дека ваквиот модел ќе се продолжи во другите градови каде нема централно затоплување, односно дека ќе се бараат инвеститори.

ИЗДВОЕНИ