Кавадарци има најмала стапка на невработеност, многу инвестиции и проекти. Ова го нагласи градоначалникот Митко Јанчев, давајќи отчет за сработеното во изминатите три години од вториот мандат. Тој се осврна на сите реализирани проекти во Општината. Градоначалникот подвлече дека особено е горд на проектот за бесплатен оброк за секое дете од прво до петто одделение. Тоа, како што додаде, придонело многу за социјална еднаквост, за сите деца да бидат рамноправни, но и за олеснување на семејниот буџет.
– Многу е важно да се напомене дека досега се реализирани 97 проценти од предизборната програма, но и голем број проекти кои се со дополнителна реализација и кои не беа дел од таа предизборна програма, но се реализираа како резултат на моите упорност, желба, но и потребата и барањата на самите жители. Затоа во овој отчет за три години градоначалник, има и посебен дел што ги содржи токму овие дополнителни проекти надвор од предизборната програма. Проекти на кои сум особено горд затоа што произлегоа од нас, од мене, од моите соработници во Општината и, секако, по барањата на жителите на Општина Кавадарци – истакна градоначалникот.
Јанчев додаде дека во изминатите години биле асфалтирани голем број улици во целата општина. Само во периодот од ноември минатата година досега, целосно биле асфалтирани над 25 улици. Тој се осврна и на други реализирани проекти од различни сфери на општинското живеење. Водоснабдувањето, предучилишното и училишното воспитување и образование, комуналната инфраструктура, спортот, превозот, осветлувањето и друго.
Градоначалникот зборуваше за неколку капитални проекти, меѓу кои изградба на скијачки центар во Михајлово, затворен пливачки базен, дневен центар за лицата со телесна или со ментална попреченост, интервентен центар за привремено згрижување на лицата со социјален ризик, доградба на кејот на реката Луда Мара, реконструкција на интернатот за средношколци, изградба на регионален центар за згрижување на бездомните миленици и ветеринарно здравство.