Пренатрупаност, дотраени и несоодветни санитарни јазли, нефункционално осветлување, дупки во ќелиите, валкани и распаднати ѕидови, стари и нечисти душеци, недостаток на постелнина и основен мебел, ѓубре во ходникот и непријатна миризба… е состојбата во голем дел од македонските затвори. Вакви поразителни оценки се содржани во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој минатата година изврши контрола на тоа дали успешно се спроведува „Реформа на пенитенцијарниот систем” во Македонија. Контролата покажала дека во земјава постојано се зголемува бројот на затворениците – од 2.004 осудени лица во 2021 година, 2.227 лица во 2022 година, до 2.265 лица во 2023 година, при што тогаш стапката на зафатеност на капацитетите изнесувала 108 проценти, односно вкупниот капацитет е надминат за 162 лица.
-Најалармантно е во КПД Идризово каде што беа сместени 1.188 осудени лица, околу 54 отсто од целата затворска популација, а вкупниот капацитет е 1.152 места. Во зградата затворено одделение со капацитет од 336 лица, бројот на осудени лица изнесува 463, односно е надминат за 127 лица, во зграда амбуланта со капацитет 132 осудени лица, бројот изнесува 215 лица, а во приемно одделение со капацитет од 10 лица, сместени се 48 лица. За разлика од овие одделенија во новоизградените полуотворено и отворено одделение има по 70 непополнети места. Во КПД Штип капацитетот во полуотворено одделение е надминат за 23 осудени лица во 2023 година, а во затворено одделение е надминат за 32, 38 и 44 осудени лица последователно по години. Пренатрупаноста на КПУ негативно влијае на хигиената во установите, придонесува за недостиг на приватност и зголемување на случаите на насилство меѓу осудените лица – укажуваат ревизорите.
Во КПД „Идризово“ најлоши се условите во приемното одделение и зградата амбуланта, со дотраени и несоодветни санитарни јазли, нефункционално осветлување, дупки во ќелиите, валкани и распаднати ѕидови, стари и нечисти душеци, недостаток на постелнина и основен мебел, ѓубре во ходникот и непријатна миризба. Во овие оддели во стандардна ќелија со големина од 14 метри квадратни сместени се и над седум лица.
-Во овој дел се сместени осудени лица кои страдаат од ментални нарушувања, зависност од дрога и соматски или физички оштетувања или, пак, лица кои имаат проблеми со затворската популација во останатите крила – наведуваат ревизорите.