Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип. Во периодот од 5 до 9 февруари годинава, во Македонија се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грипот. Пријавените заболени повеќе се од Скопје 692 лица, во Струмица 333, во Битола 304.
-Согласно со достапните податоци, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период. Помалку од претходната недела, но во однос на истата оваа недела од минатата сезона кога бројот бил само 1.875, сега имаме зголемување за дури 53,6 проценти. А во споредба со шестата недела во последните 14 сезони, кога бројот бил 2.585, зголемувањето оваа недела споредбено со претходниот период од 14 сезони е за 11,4 проценти. Пријавената инциденца е над неделната граница, на средна активност на вирусот на грип, рече Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција, 1.552 лица се на возраст помеѓу 15 и 64 години, 685 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 317 кај деца на возраст од нула до 4 години и 217 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.
Андоновска нагласи дека во однос на вкупниот број оваа сезона на случаи на грип, заболени се вкупно 11.614 лица. Во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 10,2 проценти. А во однос на последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 11,8 проценти.
-Ние сме во комуникација со нив и тие ја следат состојбата. Тие ги добиваат редовно извештаите, како и сите други надлежни институции. И министерот издаде одредена насока до здравствените институции каде што побара од сите здравствените институции да ги почитуваат превентивните мерки со оглед на постоечките бројки, рече Андонова, одговарајќи на новинарско прашање дали од Комисијата за заразни болести ќе дадат некакви препораки.
Директорката на ИЈЗ истакна дека и стапките за заболени на грип или на акутни респираторни инфекции и во европскиот регион се покачени над основните нивоа во 29 од вкупно 33 земји од области.
Апелира да се следат препораките кои се однесуваат за превенција во однос на заболувањата на грип и слични на грип и доколку се констатира дека некој е заболен да ги следи препораките кои се препорачуваат за самоизолација и одредени други препораки кои се веќе општо познати.