Касем: САД се суштински партнер на Израел во нападите во Газа

19

Заменик лидерот на Хезболах, Наим Касем, во снимена порака емитувана на либанската телевизија, ги обвини САД дека се партнер на Израел во сè што се случува во Појасот Газа.

„САД се суштински партнер на Израел во нападите во Газа“, истакна Касем додавајќи оти Иран е одлучен да го поддржи отпорот против Израел.

Тој посочи и дека убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала внел „страв во срцата на ционистите и се бореше против криминалците окупатори“.

За Касем минатогодишниот напад на Хамас врз Израел е „прв чекор кон промени“ и упати критики кон Израел поради „убивање на жени, деца и стари лица“ во Појасот Газа.

Касем денеска рече и дека копнената мисија на Израел во Либан била неуспешна и дека воените капацитети на групата се „непроменети“.

„Она што нашите непријатели го кажуваат за нашите борбени способности е илузија. Тие лажат. Ние им кажуваме дека се повеќе Израелци ќе бидат раселени од населбите. Израелскиот план е да се убиваат либански цивили и да се испразнат селата за да се предизвика хаос. Им велам, вашите напори пропаднаа“, рече Касем во снимената порака.

Тој рече дека по неколкудневна операција во Либан, израелските сили не успеале да напредуваат.