Одредени имиња на улиците во Тетово ќе останат, ќе се менуваат имињата на оние кои немаат ништо заедничко со градот, најави денеска тетовскиот градоначалник Билал Касами. На брифингот со новинарите тој реагираше на писмото на Сојузот на борци кои му порачаа да не се менуваат имиња на улиците во Тетово од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите.
Касами рече дека тоа е минато време и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат согласно новиот демократски концепт.
– Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и беше нели комунистички систем, монистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, а сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски демократски концепт и согласно тоа, тоа сигурно ќе рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово. Тоа не е против никоја етничка група во градот, а тоа е во интерес на сите етнички групи, но мора да рефлектира реалноста, сегашноста и тоа што ние сакаме да градиме во иднина – истакна Касами.
Според него, иницијативата е насочена првично за евидентирање на улиците, а потоа именување. Била формирана комисија која ќе ја реализира целата оваа постапка за именување на улиците, а граѓаните ќе може да учествуваат со предлози. Касами наведе дека во таа комисија членуваат претставници на сите советнички групи и надворешни експерти.
Но, од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во Тетово не може да има промена на улиците без консензус и дека тоа зависи од одлука на Влада.
-Доколку се донесе еднострана одлука јас како претседател на Влада таква точка нема да разгледувам. Второ, колку што сум запознаен, има коалициски договор. Тој договор е дека сите оние улици коишто веќе имаат имиња, да не се менуваат, а имињата кои што ќе бидат предложени за оние улици кои што се без број или со број, треба да бидат прифатени со каолициски консензус – нагласи Мицкоски. (Б.Ѓ.)