Четири големи ланци маркети се соочуваат со можност за рекордна казна од над 47 милиони евра откако Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) го потврди сомнежот за картелско договарање цени на штета на граѓаните. Имено, Комисијата утврдила дека четирите маркети што го воделе клучниот збор во одржувањето на високото ниво на цените и Сојузот на стопански комори постапиле спротивно на законот, бидејќи одлучиле на состанок да не прифаќаат нови ценовници од набавувачите до крајот на март.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека сите оние што мислат дека картелски ќе се здружуваат, ќе одговараат пред законот. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, најави дека денеска од Државниот инспекторат за труд ќе информираат за надзорите што се направени откако стапи на сила владината мерка за ограничување на маржите на 102 групи производи и замрзнување на цените на прехранбените и на хигиенските производи

Четири големи ланци маркети се соочуваат со можност за рекордна казна од над 47 милиони евра откако Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) го потврди сомнежот за картелско договарање цени на штета на граѓаните. Имано, Комисијата утврдила дека четирите маркети што го воделе клучниот збор во одржувањето на високото ниво на цените и Сојузот на стопански комори постапиле спротивно на законот, бидејќи одлучиле на состанок да не прифаќаат нови ценовници од набавувачите до крајот на март.

Од Антикорупциска велат дека е започната прекршочна постапка против четирите маркети и Сојузот на стопански комори, кои имаат право да достават свои аргументи. По нивното разгледување, КЗК ќе ја информира јавноста за својата одлука.   

Со цел да го спречи галопирачкиот раст на цените, власта креираше есенска и новогодишна потрошувачка кошница, но маркетите, меѓусебно договарајќи се, го држеа високото ниво на цените на речиси сите производи. Некои граѓани и претходно реагираа дека забележале исти цени на производи во различни маркети, а некаде тие продукти биле поскапи од оние што може да се најдат во соседните земји.

– Многу бев изненаден кога во маркет во соседна Србија видов македонски прехранбени производи со пониски цени отколку кај нас. Како е можно тоа? – прашува еден млад скопјанец. 

Токму таква злоупотреба утврди Антикорупциска, дека се договарале маркетите цените да останат високи за да си го заштитат профитот, а во јавноста излегуваа со убедливи причини за тоа зошто нема простор за намалување на цените и се закануваа со отпуштање на вработените. Ниту бојкотот на граѓаните не ја разниша нивната намера, па Владата се одлучи за мерката за ограничување на маржите и замрзнување на цените.

Ако КЗК донесе финална одлука да бидат казнети четирите ланци маркети, согласно со нивната годишна добивка, тогаш тие би требало да платат 10 проценти од добивката, односно 47 милиони евра, а сумата што ќе треба да ја плати Сојузот на стопански комори, кој е обвинет дека во неговите простории се договарало картелското здружување, е 1 процент од годишната добивка, но дополнително ќе биде пресметано тоа. Од ССК реагираа дека се изненадени од ваквата постапка, тврдејќи дека никогаш не се мешале во комерцијалната политика на економските оператори.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека сите оние што мислат дека картелски ќе се здружуваат, ќе одговараат пред законот.

– Секој оној што мисли дека ќе се служи со трикови, има закон и ќе сноси одговорност соодветно на законот. Сите оние што мислат дека картелски ќе се здружуваат, има закон и ќе бидат одговорни пред законот. Сите оние што мислат дека ќе се богатат на грбот на народот, ние, како Влада, нема да го дозволиме тоа – рече Мицкоски.

Тој истакна дека, на дневна основа, е во координација со Државниот пазарен инспекторат, министерот за економија и труд и со Комисијата за заштита на конкуренцијата и, како што рече, како никогаш досега, покриен е теренот со инспекции, јасна анализа и следење на состојбите во ланците, супермаркетите, мини маркетите итн.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, најави дека утре од Државниот инспекторат за труд ќе информираат за надзорите што се направени откако стапи на сила владината мерка за ограничување на маржите на 102 групи  производи и замрзнување на цените на прехранбените и на хигиенските производи.

Министерката купува замрзнат грашок од најевтините маркети

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на вчерашната седница посветена на пратенички прашања, одговори на забелешките на нејзините коментари за вредноста на минималната потрошувачка кошничка. Повикувајќи се на податоците од последниот попис, таа истакна дека просечното семејство во земјава има тројца, а не четворица членови.

Таа порача дека, иако нејзиното семејство е четиричлено, купува замрзнат грашок во еден од најевтините маркети, а не грашок што е поскап од 100 денари за истата грамажа како замрзнатиот, кој е многу поевтин. Како што рече, не купува ни грашок од конзерва, бидејќи не е сама, туку се четворица членови во семејството. Во својот коментар, како што кажа, зборувала и за млекото што го троши едно семејство месечно.

– Некое семејство може и 18 литри млеко, меѓутоа има и такво што не пие млеко – рече Димитриеска-Кочоска.

СДСМ: Македонската економија оди надолу, инфлацијата повторно расте!

– Македонската економија оди надолу, животниот стандард на граѓаните опаѓа, а инфлацијата повторно расте. Во јануари, инфлацијата достигна 4,9 %, факт што го констатира и Меѓународниот монетарен фонд. Статистика измери дека трошоците за живот во јануари пораснале за 4,9 %, а индексот на цените на мало – за 5,2 %. Додека стагнираат платите, граѓаните имаат сè помалку пари во џебот и тие го носат целиот товар на неспособната власт. И другите економски параметри се лоши – реагираат од СДСМ.

Оттаму посочуваат дека цените растат секој ден, а платите стојат во место. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се потребни три минимални плати за да се покријат основните трошоци.

– Владата вети просперитет, но донесе нова економска криза – велат од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека директните странски инвестиции од над една милијарда евра ќе ја заживеат економијата. Тој истакна дека секојдневно разговара со потенцијални инвеститори и најави инвестициски бум од мај.

Синдикатите и бизнисмените на иста линија: државата да ги субвенционира придонесите за да растат платите

Ако се согласи државата Владата да ги плаќа придонесите, можно е минималната плата да порасне до 500 евра. Предлогот на Организацијата на работодавачите е ако се утврди минималната плата на 24.400 денари, а работодавецот се одлучи да исплати 30 илјади денари, тогаш да не плаќаат придонеси за таа разлика. А, пак, предлогот од ССМ е да се качи минималецот на 30.500 денари, а за разликата од 6.000 денари, од законскиот износ што треба да изнесува 24.400 денари, работодавците да бидат ослободени од повисоки придонеси 12 месеци. И ова да важи не само за минималната туку и за другите плати.

Премиерот Христијан Мицкоски и заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, деновиве кажаа дека власта ќе постапи така како што ќе се договорат двата социјални партнери, а ако нема договор, ќе се оди со законското решение за минималецот. А, во врска со понуденото субвенционирање на придонесите, немаат одговор. Како и да е, наскоро треба да има состанок на Економско-социјалниот совет и се очекува да се решат многу од дилемите. Покачување на минималната плата ќе има со мартовската плата.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ